Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.
Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.
Пикерот на репрезентацијата Сања Дабевска, вели дека има одлична атмосфера во репрезентацијата и се надева дека со помош на публиката тие ќе успеат да го земат скалпот на фаворитите.
„Атмосферата е одлична и имаме позитивна енергија. Малку сме возбудени и има тензија, но се надевам дека се ќе биде во ред. Франција игра многу брзо, но се надеваме дека ќе одиграме на ниво. Сите три репрезентации се силни, гледаме некоја шанса во Романија, но никогаш не се знае. Веруваме дека со полна сала и спектакуларно шоу на трибините ќе успееме да земем скалп на некој од фаворитите“, изјави Дабевска.
Македонија шампионатот го почнува со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА