Пред неколку дена се појави информација дека Али Даеи е осуден на смрт, поради учество во протестите за смртта на Маса Амини, 22-годишна Курдка која беше уапсена откако наводно го прекршила кодексот на облекување во таа земја.
Легендарниот ирански фудбалер не ги коментираше тие наводи, но на Инстаграм се огласи за поканата што ја добил да присуствува на претстојното Светско првенство во Катар.
„Поздрав до моите драги и чесни сонародници. Во овие денови кога повеќето од нас не се чувствуваат добро, ја одбив официјалната покана на ФИФА и Фудбалската федерација на Катар да присуствувам на Светското првенство со мојата сопруга и ќерките, за да останам со вас во татковината. Сакам да изразам сочувство до сите семејства кои овие денови ги загубија своите најблиски. Се надевам на светли денови за Иран и Иранците“, напиша иранскиот фудбалер.
Даеи е еден од најпознатите ирански играчи во историјата, еден од првите кои заиграле во Европа, играше за германските клубови Арминија Билефилд, Баерн Минхен и Херта Берлин. За репрезентацијата запиша 149 настапи на кои постигна рекордни 109 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА