Исланѓанецот Дагур Сигурдсон ја предводи Јапонија на СП во Германија и е еден од најсилните адути на оваа азиска селекција на ракометниот Мундијал на кој главниот збор вообичаено го имаат европските великани.
Јапонија е првиот денешен противник на Македонија во групата Б во Минхен. За Јапонците ова ќе биде и прв голем ракометен натпревар во „Олимпијахале“ во Минхен по Олимписките игри во 1972 година.
Дуелот меѓу Македонија и Јапонија е најавен како меч на денот и дуел меѓу најдобриот стрелец во историјата на светските ракометни првенства, Кире Лазаров и тренерскиот генијалец Дагур Сигурдсон кој пред три години на ЕП 2016 во Полска направи вистински подвик со репрезентацијата на Германија. Од 2017 година, Сигурдсон ја презеде селекторската палка во репрезентацијата на Јапонија во големиот олимписки проект за ОИ 2020 во Токио.
Двете страни влегуваат со различни цели во денешниот прв меч на СП. За Јапнија најважно е искуството, за Македонија бодовите и континуитетот.
„Ние сме овде да учиме и да собираме искуство за Олимписките игри во 2020 на домашен терен во Токио“ – истакнува селекторот на Јапонија.
Сигурдсон кој дел од својата играчка кариера помина во Јапонија, добро ја знае разликата во квалитетот меѓу европските репрезентации и остатокот од светот.
„Европските тимови во нашата група се многу посилни од нас“ – признава Сигурдсон.
Пред настапот на СП, Јапонија имаше две успешни европски проверки, одигра нерешено во првиот контролен натпревар со Полска, а потоа славеше победа против Чешка.
Во Азија, репрезентацијата на Јапонија стигна до четвртфиналето и не успеа да ги мине квалификациите, а пласманот на СП во Германија и Данска го обезбеди дополнително со вајлд-карта од ИХФ.
Од другата страна, Македонија е редовен учесник на сите големи натпреварувања од 2012 година досега. Пласманот во втората фаза на СП е прва цел за македонскиот тим, но сонот за Кире Лазаров останува пласман на Олимпијада.
„Токио е сон за мене и за сите нас. Ние сме во фаза на транзиција. Но се надеваме дека ќе бидеме на вистинско ниво во последните две години со овие млади сили“ – вели македонскиот капитен Кире Лазаров пред новиот предизвик и вкупно шестото Светско првенство во неговата кариера и во историјата на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА