На бламажите на МЗТ Скопје во АБА-лигата дефинитивно им нема крај, па сите во таборот на аеродромци едвај го чекаат крајот на сезоната во регионалното натпреварување за да се обидат да ги остават зад себе бројните разочарувања и да тргнат во атак на двојната круна на македонската кошаркарска сцена. Сепак, и за тоа да се случи избраниците на Лукајиќ ќе треба да одиграат многу, многу подобро во однос на вечерашното гостување против Мега бемакс, на кое „сино-белите“ уште еднаш тотално потфрлија на гостински терен и сосема заслужено претрпеа преубедлив пораз од 106-77.
Одбраната повторно беше главен проблем за МЗТ Скопје, па домаќините за само три и пол минути постигнаа 15 поени, за водство од 15-7. Лукајиќ зеде тајмаут, но следеше почетнички загубена топка, па лесно забивање на домашните кошаркари за прва двоцифрена предност (17-7).Агонијата продолжи, па по шест минути игра резултатот веќе гласеше 23-9, по уште една почетничка игра во одбрана на „сино-белите“, кои петмина бранеа шут од далечина, оставајќи го домашниот кошаркар лесно да забие во рекетот.
Првата четвртина заврши со 30 постигнати поени на Мега (30-16), а по само 15 минути игра домашниот тим веќе имаше постигнато 49 поени (49-21), како доказ за тоталната немоќ во одбраната на македонскиот шампион. Српскиот тим лесно крадеше топки од рацете на „металците“ и уште полесно реализираше, МЗТ истовремено делуваше и смешно и трагично, резултатот во 19. Минута гласеше 60-26, за „сино-белите“ накратко да влезат во ритам во завршницата од полувремето и на одмор да заминат со негатива од 60-35.
Прашањето на победникот беше решено, па Мега заигра нешто порелаксирано во нападот, постигнувајќи „само“ 21 поен во третата четвртина, за водство од 81-59 по 30 минути игра. Последните десет минути беа рутина, па српскиот претставник ја проби и бариерата од 100 постигнати поени, за конечни 106-77 на овој натпревар.
Лалиќ со 14 и Мавра со 13 поени беа најефикасни кај македонскиот првак во овој најнов катастрофален пораз, додека во редовите на Мега најдобри поединци беа Чанчар со 22 поени и Синовец со 16 поени.
МЗT Скопје по 18 кола е убедливо последен на табелата со само три победи и 15 порази и само теоретски шанси за бегство од „фенерот“. „Металците“ во следното коло в сабота ќе ја пречекаат екипата на Унион Олимпија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА