И покрај тоа што имаа само 1,8 отсто шанси за победа на НБА драфт лотаријата, Далас Маверикс го добија правото да го изберат првиот пик на претстојниот драфт во НБА, одлучи ждрепката одржана во понеделникот во конгресниот центар „МекКормик Плејс“ во Чикаго.
Првата рунда од драфтот ќе се одржи на 25. јуни, а втората рунда следниот ден во „Баркли“ центарот во Бруклин.
Откако беше воведена лотаријата за пик во 1985 година, само три клуба со помала перспектива од Далас оваа година успеаја да го добијат изборот „бр. 1“. Ова е првпат Маверикс да добијат на лотарија.
„Многу сум среќен за навивачите на Маверикс“, рече извршниот директор на Далас, Рик Велтс.
Маверикс со месеци се на удар на јавноста, пред се генералниот менаџер Нико Харисон, по трејдот на Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс. Во тој договор, Харисон за возврат ги доби Ентони Дејвис, Макс Кристи и избор од првата рунда на драфтот во 2029 година. Како резултат на таа трговија и повреди на некои клучни играчи, Далас го пропушти плеј-офот и заврши на лотаријата.
И сега, откако Маверикс го добија првиот пик со толку мали шанси пред лотаријата, многу фанови останаа разочарани. Некои одат дотаму што велат дека сето тоа е наместено. Речиси сигурно е дека Далас ќе го избере Купер Флаг, кошаркар кој го предводеше Дјук до фајналфорот на „НЦАА“ .
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

