Далас не личи на сериозен тим по заминувањето на Дончиќ

Резултатската криза на Далас маверикс по заминувањето на Лука Дончиќ уште повеќе се продлабочи со синоќешниот пораз на гостувањето против Голден стејт вориорс од 126-106. Кошаркарите на Далас уште во втората четвртина се најдоа во негатива од над 20 поени, не покажувајќи ниту квалитет ниту карактер за евентуален камбек. Голден Стејт влезе во послаб скор во овој дуел, но Кари и соиграчите јасно покажаа дека квалитетот е на нивна страна и само прашање на време е кога „воините“ ќе ги минат маверикси во трката за место во плејофот во западната конференција.

Стеф Кари постигна 30 поени за 30 минути игра на овој натпревар, Батлер додаде 18 поени за Голден Стејт, додека најефикасен кај Далас беше Ирвинг со 17 поени.

Оклахома Сити останува прв во Западната конференција откако „грмотевиците“ славеа и на гостувањето против Минесота со 123-130. Гилџус Александер со 37 поени и осум асистенции беше главна фигура во победничкиот тим, додека кај домаќините најдобар поединец беше Едвардс со 29 поени, 10 скокови и 7 асистенции.

Мајами загуби со 120-113, а покрај поразот проблем плус за „жешките“ е повредата на Никола Јовиќ, кој има скршеница на дланката и го очекува подолга пауза од терените.

Резултатската криза на Феникс санс се продлабочи со поразот на гостувањето против Торонто, четврти на последните пет меча за „сонцата“. Букер постигна 31, а Бил 30 поени за Феникс, но и тоа беше премалку бидејќи Торонто со колективна игра успеа да слави со убедливи 127-109.

Резултати НБА:

Бостон – Њујорк 118-105, Голден Стејт – Далас 126-102, Индијана – ЛА Клиперс 129-111, Атланта – Детроит 143-148, Милвоки – Мајами 120-113, Орландо – Вашингтон 110-90, Торонто – Феникс 127-109, Кливленд – Мемфис 129-123, Њу Орлеанс – Сан Антонио 114-96, Минесота – Оклахома Сити 123-130.

Се вчитува...