Далас првпат победи без Дончиќ, пораз на Бруклин

Далас триумфираше на гостински терен против Јута со 111-124 во еден од синоќешните НБА натпревари, и тоа првпат сезонава без Лука Дончиќ.

Младите Џош Грин и Џејден Харди беа предводници во победата со по 29 поени. И двајцата претходно се поврзуваа со размената на Кајри Ирвинг, но клубот реши да ги задржи и тие возвраќаат на најдобар можен начин.

Далас моментално е на шестото место на Западот со 28 победи и 26 порази, додека Јута е на десетото место со 27 победи и 28 порази.

ЛА Клиперс славеше со 124-116 против Бруклин кој беше ослабен поради некомплетираниот трејд на Ирвинг. Односно, играа и без него и без играчите за кои го разменуваа. Одличен во победата на ЛА Клиперс беше хрватскиот кошаркар Ивица Зубац со 19 поени, 12 скока и две асистенции.

Во останатите натпревари Бостон славеше на гостувањето против Детроит со 99-111, Кливленд го победи Вашингтон на гости со 91-114, Сан Антонио, пак, Чикаго со 104-128. Голден стејт на домашен терен триумфираше против Оклахома со 141-114, Милвоки на гости го победи Портланд со 108-127, а Сакраменто славеше против Хјустон со 120-140.

Се вчитува...