Кошаркарите на Пелистер не успеаја да приредат изненадување во квалификациите од ЛШ откако „зелено-белите“ загубија со 87-99 на првиот меч од својата квалификациска група против италијанска Реџо Емилија. „Пелистерци“ одиграа сосема солиден меч, пред крајот на третиот период беа на само седум поени негатива, но искуството и квалитетот на италијаскиот состав беше пресуден за Реџо Емилија рутински да го приведе мечот до крај и да се пласира во полуфиналето од оваа квалификациска група.
Пелистер единственото водство го имаше на самиот почеток кога со тројката на Вилсон стигна до 5-4, но шутот на противникот во раната фаза од мечот беше неверојатен, кошаркарите на Реџо Емилија погодија шест тројки од седум обиди и набрзина стигнаа до двоцифрена предност (26-15). Македонскиот тим се консолидираше по тајмаутот, намали на 31-23 на крајот од четвртината, а потоа го отвори вториот период дополнително намалувајќи на 31-27. Завршницата од првото полувреме мина во знакот на италијанскиот тим, кој на одмор замина со убедливи 58-42.
Пелистер целосонн парираше во третиот период, во кој пред крајот на четвртината „зелено-белите“ стигнаа и до само седум поени негатива по слободните фрлања на Малешевиќ (66-59), за во последната четвртина да се влезе со водство на Италијанците од 74-62. Реџо Емилија дополнително се одлепи на стартот од четвртиот период, но „пелистерци“ останаа фокусирани, не дозволија преубедлив пораз, па на крај мечот од овој реномиран противник го загубија со конечните 99-87.
Брејси Дејвис беше прв стрелец на Пелистер со 20 поени, Вилсон реализираше 18 поени и 5 асистенции, Малешевиќ имаше 15 поени, додека Митревски и Стајиќ реализираа по 11 поени за македонскиот претставник.
Без оглед на денешниот пораз, за поздравување е самиот потег на управата на Пелистер, овој клуб да биде дел од едно европско натпреварување како едиствен претставник на баскетот во натпреварувањата под капата на ФИБА. По денешниот пораз, Пелистер ќе продолжи да биде дел од европските натпреварувања, и тоа во групната фаза од ФИБА Купот во која за противници ќе ги има Цедевита јуниор од Хрватска, Патриоти Левице од Словачка и Керавнос од Кипар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

