Тренерот на Партизан, Мирко Оцокољиќ, по катастрофата во Каунас немаше што многу да зборува на прес-конференцијата по мечот, но се осврна на очигледното незалагање на дел од кошаркарите кај кои нема желба за надигрување и победа.
„Не го очекував ова и очекував играчите да реагираат позитивно по поразот од Виртус. Тоа не се случи. Зошто? Ќе го анализираме. Не знам што друго да кажам, ако имате какви било прашања – ќе одговорам.“
Како може Партизан да биде конкурентен?
„Искрено, прво сите мора да седнеме заедно и да разговараме. Играчите, тренерите и сите заедно да го најдеме следниот чекор бидејќи овој начин на игра е неприфатлив. Мора да најдеме начин да играме подобро, мора да се вратиме на тоа како игравме пред десет дена.“
Дали ќе останете до крајот на сезоната?
„Не знам. Ќе разговараме за тоа следната недела.“
Разговор со Џабари Паркер?
„Како и секогаш, нормален разговор со играчот и тренерот. Кошаркарски работи. Можам да кажам дека очекуваме повеќе од него и тоа е сè.“
Дали Паркер на некој начин протестираше на овој натпревар, бојкотирајќи го тимот со очајна игра во првата четвртина по која беше повлечен на клупата а потоа воопшто не влезе во игра?
„Тоа е прашање за него. Што се однесува до другите 10 играчи. Секогаш очекуваме од нив да направат сè што можат за да победат и тоа не е само за него, туку и за целиот тим. Вклучувајќи ме и мене. И јас имам одговорност. Можеби не ги подготвив добро.“
Оцокољиќ имаше емотивно обраќање и во разговорот за „Арена Спорт“.
„Секако дека бев оптимист, дека играчите ќе имаат некаква реакција, но зошто тоа не се случи, треба да ги прашате нив. Ова е јасен показател за проблемот. Ова е штета за Партизан, како го завршивме овој натпревар. Разговаравме пред овој натпревар, а играчите беа убедени дека пристапот ќе биде сосема различен од оној против Виртус, но зошто тоа не се случи, треба да ги прашате нив. Имаше некаква реакција по заминувањето на Обрадовиќ, но повторно се вративме на стариот начин. Навистина не знам што да правам“, рече тој пред прес-конференцијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

