Дали е ова крај на кариерата: Ериксен мора да има инплантиран апарат за срцето

Здравствената состојба на Кристијан Ериксен е стабилна, но данскиот плејмејкер ќе мора да има инплантиран апарат што ќе му ја контролира работата на срцето за да не дојде до нови здравствени проблеми кои би можеле да имаат трагични последици за данскиот фудбалер. Оваа информација утрово ја потврди и репрезентативниот лекар на Данска, Мортен Боесен, обелоденувајќи дека и самиот Ериксен се согласил на тоа.

ИЦД е вграден кардио дефибрилатор кој се инплантира под кожата на пациентите и се напојува со посебна батерија, со што значајно се аголемуваат шансите за преживување во случај на срцев застој или на ненадејна срцева смрт. Овој апарат може да спречи појавување на аритмија, но и успешно да ја детектира и третира, со тоа што експресно ќе го врати нормалниот ритам на работа на срцето и ќе го спаси животот на пациентот.

„По бројните прегледи извршени врз Кристијан, одлучено е да му биде вграден ИЦД-апарат. Овој уред е потребен по срцев удар. Ериксен го прифати ова решение, а дека ова е најдобра опција потврдија и национални и меѓународни медицински стручњаци кои беа консултирани“, изјави Боесен.

Јасно е дека срцевиот удар ќе остави последици врз организмот на Ериксен, па според многумина вградувањето на овој апарат ќе значи и крај на неговата кариера. Засега, медицинските стручњаци одбиваат категорично да тврдат дали дуелот со Финска беше последен во кариерата на извонредниот дански фудбалер, или тој по извесна пауза ќе може да се врати на терените.

Се вчитува...