МЗТ Скопје втора сезона по ред не успева да го задржи еден од најдобрите играчи во своите редови. Претходната сезона тоа беше случај со Тодрик Готчер, а оваа со Дастин Вер, два Американци кои не одолеаја на побогатите понуди од странство и го оставија тимот на милост и немилост во важен дел од сезоната.
Готчер пристигна во Аеродром како големо засилување по сезона помината во Бешикташ, играч со реноме кој требаше да биде клучен дел во „сино-белиот“ табор за изборување на место во првиот ранг од регионалното натпреварување, но по четири месеци замина во грчкиот Месолонги.
Сега 28-годишниот „шутер“ притоа забележа просек од 13.5 поени, 4.3 скока, 5.8 асистенции и 1.3 украдени топки на четири настапи во АБА2 лигата, а по заминувањето остави хаос. Неговата замина пристигна од ВТБ-лигата и Минск, но Доминез Барнет беше бледа слика од тоа што претставуваше негвата биографија.
Барент дојде, го видоа, си замина, а проблемите за МЗТ Скопје продолжија. Истите се темелеа на креацијата, односно тоа што го претставуваше Готчер, бек-шутер, кој може да искреира сам за себе, аеродромци не успеаја да го надоместат. Со Готчер МЗТ Скопје забележа три победи еден пораз во АБА2 со просек од 85.7 постигнати поени по натпревар, а без него два порази и еден триумф на следниот „балон“, со 76.3 постигнати поени по натпревар.
Потоа тогашниот тренер Кочов се обиде да ја пополни таа позиција со Магдевски и Николов, а како класичен плејмејкер стигна Френк Тарнер, но со промената на концептот беше загубена сезоната во регионалното првенство.
Сега МЗТ Скопје повторно се соочува со слични проблеми по заминувањето на Дастин Вер. Искусниот 31-годишник на почетокот на сезоната не беше она што од него се очекуваше, но доби доверба од Радуловиќ која се врати во најдобар можен ред.
На првите три натпревари во АБА2, Вер реализираше со 41 отсто за два, 28 отсто за три со 5.3 асистенции по натпревар и однос 1.7/1 во асистенциите и изгубените топки, односно 1.7 асистенции на изгубена топка, но во следните четири меча беше енигма за противниците.
Вер против Осијек, Хелиос, Спарс и Ловеќен реализираше со 75 отсто за два, 51 отсто за три со 8.0 асистенции по натпревар и однос 5/1 во асистенции и изгубени топки. Сигурноста на Вер донесе и сигурност на МЗТ Скопје и +/- од 12 кога е на паркетот па јасно е дека направи огормна разлика, а неговата експлозивност често носеше отворени обиди за три или лесни ситуации по обрачот за соиграчите.
Во однос на претходната сезона и изборот на нов играч Дарко Радуловиќ нема да го има факторот коронавирус па најголем дел од играчите се во тренажен процес, но прашање е колку квалитетни играчи кои можат во целост да го заменат Вер во кус период се слободни и колкава сума може МЗТ Скопје да издвои за ангажман на нов играч.
МЗТ Скопје за помалку од месец дена го очекуваат четири натпревари во македонското првенство, балон во АБА2 и Купот на Македонија па нов играч е пожелно за „слета“ во Аеродром што поскоро за во мечевите против Еуро Никел и Куманово да има доволно време за воигрување.
Еден дел кој останува нејасен во целата ситуација е објавата на МЗТ Скопје по заминувањето на Дастин Вер која вели:
„МЗТ Скопје Аеродром веднаш почна со потрага на неговата замена, со надеж дека ќе најдеме уште подобро решение, односно играч кој покрај тоа што ќе игра добро во АБА2, воопшто нема да ги потцени македонските натпреварувања“
Не е прв пат аеродромци да се соочат со играч кој ги потценува македонските натпреварувања. Тоа во минатото беше случај со Џош Скот, Даниел Кларк па до некаде и со Феми Олуџоби, па останува нејасно како на играчите кои доаѓаат во тимот не им е објаснета амбицијата на клубот на домашниот фронт, но и како може најдобриот македонски кошаркарски колектив две сезони по ред да ги губи лидерите на тимот поради финансии кога има најголем ваучер, а и огормна помош од Општина Аеродром.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА