Дали Партизан и Ц. Звезда ќе мора да платат по дури пет милиони евра за да играат во Евролигата!?

Партизан и Црвена Звезда ова лето ги чека официјализирањето на тригодишен договор со Евролигата. Долго време двата српски тима сакаат да го обезбедат своето долгорочно учество во најсилната еврпска лига, и тоа ќе се случи сосема извесно ова лето, но главното прашање е колку сето ова ќе ги чини белградските ривали.

Според сè уште непотврдени информации, Евролигата им понудила на српските клубови прилично неповолни услови во кои тие наводно мора да платат дури по пет милиони евра само за да учествуваат во натпреварувањето бидејќи нема да имаат исти права како сопствениците на А-лиценци кои имаат дополнителни приходи од Евролигата, како што се ТВ-правата.

Сепак, сето ова беше донекаде демантирано од директорот на Евролигата, Паулиус Мотијеунас, која одговори токму и на наводната цена од 5.000.000 евра за тригодишен договор.

„Ова беа затворени разговори со клубовите и некои од објавените информации се неточни или погрешни. Исто така, треба да го препознаеме влијанието што играњето во Евролигата го има врз тимовите во однос на следбениците, продажбата на билети и спонзорството. Нашата цел е да им понудиме на повеќе тимови поголема стабилност, дозволувајќи им да планираат поефикасно и да се снајдат подобро комерцијално. Го гледам ова како можност да видиме какво влијание би можело да има и врз клубовите и врз лигата, а потоа да ги истражиме следните чекори. Секако, ние сме заинтересирани и да слушнеме што овие тимови веруваат дека може да се направи подобро. Тоа е двонасочен разговор, а не еднонасочен“ – рече Мотијеунас.

Она што се очекува ова лето е и понатамошно проширување на Евролигата. Од моменталните 18 клубови, сега се очекуваат 20 учесници. Засега знаеме дека Хапоел од Тел Авив ќе игра во елитното натпреварување, додека сè уште се шпекулира кој би можел да биде вториот учесник, во моментов најмногу се зборува за Дубаи и Валенсија, а се шпекулира и за преселба на Алба во Еврокупот. Сепак, директорот на Евролигата не дава конкретни одговори.

„Ова треба да се одлучи наскоро. Постојат многу фактори што ќе влијаат на таа одлука. На крајот на краиштата, верувам дека проширувањето е неизбежно, но прашањето е кога. Постои силен и растечки интерес од тимови со силни проекти да се приклучат на лигата и веруваме дека проширувањето би можело да помогне во создавањето дополнителен простор за нив. Треба да анализираме како тоа влијае на календарот, да се осигураме дека ја штитиме конкурентноста и квалитетот и да се осигураме дека сите дополнителни промени ќе додадат вредност на долг рок. На крајот, акционерите ќе донесат одлука“ – додаде Мотијеунас.

Се вчитува...