Дали Трент наговести заминување? „Многу посебен момент, еден од најубавите во дресот на Ливерпул“

Ливерпул на крилјата на Трент Александер-Арнолд стигна чекор поблиску до шампионската титула во Премиерлигата. Во 33. коло „црвените“ стигаа до значајна победа над Лестер благодарение на Англичанецот кој го постигна единствениот гол на натпреварот во 76. минута, само пет минути откако влезе во игра како замена.

Александер-Арнолд на денешниот натпревар одбележа и јубилеј – 350-тиот настап во дресот на Ливерпул за што голот имаше и дополнителна сентиментална вредност, како што вели самиот.

„Прилично сум сигурен дека ова ми е првиот гол со лева нога. Никогаш досега ми нема успеано тоа. Веројатно тоа е единствениот вид на гол кој ми недостасуваше, но го чував за вистинскиот момент.

Многу посебен момент, еден од најубавите во дресот на Ливерпул. Ова беше многу тежок натпревар за клубот и за мене. Се вратив од повреда, а титулата ни е толку блиску. Овие денови како денеска се многу посебни. Даваш голови, играш натпревари, победуваш, освојуваш титули – тоа се посебени моменти за мене и мило ми е што можам да придонесам и да си ја завршам задачата“, изјави Александер-Арнолд.

Договорот на Англичанецот со Ливерпул истекува на крајот на сезоната, а со оглед на интересот од Реал Мадрид постои можност да го напушти клубот за кој настапува уште како младинец. Но, неговата одлука нема да ја дознаеме во скоро време.

„Во текот на целата сезона ви велам дека нема да говорам за својата судбина и статус. Нема ни сега да изнесувам детали“, додаде бекот.

Се вчитува...