Хрватска со вчерашниот пласман во 1/4 финалето го постигна третиот најдобар резултат на „коцкастите“ на Светските првенства. Само третпат селекцијата стигнува до оваа фаза, и тоа во 1998 кога го освоија сребрениот медал, и во 2018 година кога беа во финалето на Мундијалот и беа поразени од Франција.
Сега Хрватите ги чека дуел со Бразил, еден од фаворитите на Мундијалот, а селекторот Златко Далиќ им ја препушта улогата на фаворити, но напоменува дека не се плаши од Бразилците.
„Реално, Бразил е најсилна репрезентација на ова СП. Кога ќе го погледнете изборот на играчи, квалитетот, долгата листа, тоа е застрашувачко. Пред нас е тежок испит против екипа која сака да се надигрува. Треба овој натпревар добро да се подготви, и немаме од што да се плашиме. Мораме да влеземе во мечот со многу верба и максимално и да уживаме. Можеби е прерано да играме со нив, но тоа е тоа. Бразил е фаворит, предавање нема, ќе пробаме добро да се подготвиме и да го дадеме максимумот, да се спротивставиме на нивната игра“, рече Далиќ кој откри која е најслабата точка на Бразил.
„Тоа е репрезентација која на трпи противникот да го има поседот“, рече Далиќ.
Селекторот на Хрватска кажа дека ова е шанса на оваа екипа да влезе во историјата.
„Им кажав на играчите дека може да влезат во историја. 18 нови играчи имаме во однос на минатото Светско првенство и ова е целосно нова генерација. Не е добро да се споредува оваа со минатата генерација. Времето на овие играчи дури сега доаѓа. Ова ќе им биде многу добар мотив да направат нешто. Сите добро работат и шанса да направат уште. Веќе сега направија нешто големо, ова е трет најдобар резултат во историјата на Хрватска, бронза, сребро и сега меѓу осумте. Ако погледнете во 2018 година ќе видите дека нашите играчи играа во Барселона, Реал, Интер, Баерн, Јувентус, Ливерпул, а сега имаме шест играчи од хрватското првенство. Им симнувам капа на она што го направија досега“, изјави Далиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА