Селекторот Златко Далиќ веќе најави дека ќе направи неколку промени во тимот во однос на претходните натпревари, а хрватските медиуми утрово излегоа со информација како ќе изгледа стартниот тим на „коцкестите“ на вечерашниот дуел со Италија.
Тоа е меч на кој Хрватска мора да оди на победа, па затоа изненадувачки е што Далиќ планира да ги остави на клупата двајцата класични напаѓачи, Бруно Петковиќ и Анте Будимир. Навалното трио ќе го предводи Андреј Крамариќ, а изненадување е што Хрватите од левата страна ќе напаѓаат со Лука Сучиќ, иако тоа не му е природна позиција на 21-годишниот плејмејкер на Салцбург. Друштво на Сучиќ и на Крамариќ од десната страна ќе им прави Марио Пашалиќ од Аталанта.
Средниот ред беше жестоко критикуван по последните две средби, но Далиќ нема намера да се откаже од „старите волци“, па така и вечерва меѓу стартните единаесетмина ќе се најдат Брозовиќ, Ковачиќ и капитенот Лука Модриќ.
Нема дилема дека Доминик Ливаковиќ ќе се најде на голот, додека во одбраната во однос на последниот меч ќе го нема Иван Перишиќ, па Гвардиол ќе се врати на лев бек, а во последната линија покрај асот на Манчестер Сити ќе се појават уште и Станишиќ, Шутало и Ерлиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА