Хрватскиот селектор Златко Далиќ денеска го објави списокот на фудбалери кои ќе бидат во комбинација за настап на ЕВРО 2024. Кормилрот на „коцкестите“ на списокот вклучи 26 фудбалери, но и девет резервни опции доколку некој од предвидените патници за Германија отпадне од комбинација.
Иван Перишиќ подолго време беше повреден и е надвор од натпреварувачки ритам, Никола Влашиќ неодамна заработи незгодна повреда, но хрватскиот селектор ги вклучи овие двајца фудбалери на својот список, давајќи им шанса да докажат дека се максимално подготвени за настап на европскиот шампионат.
„Постоеја дилеми околу Влашиќ, но состојбата значително му се подобри во последните денови. Договорот е да ни се приклучи на 27 мај, да мине неколку дена со нас и ако не биде „фит“, на 1 јуни да си замине дома и да повикаме некој друг на негово место. Се надевам дека ќе биде подготвен и ќе може да ни помогне, исто како и Перишиќ. Во контакт сме со Иван, работи според планот и ќе направи се за да излезе како победник од оваа трка со времето. Сите сме свесни колку ќе биде тешко на ЕВРО 2024,ја добивме најтешката група, одиме без притисок да оствариме што подобар резултат“, изјави Далиќ.
Хрватска е дел од групата Б заедно со селекциите на Шпанија, Италија и на Албанија. „Коцкестите“ првиот меч на ЕВРО 2024 ќе го играат на 15 јуни во Берлин против репрезентацијата на Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА