Репрезентацијата на Хрватска, првпат по десет години, не успеа да се избори за елиминациска фаза на едно големо натпреварување завршувајќи го ЕВРО 2024 уште по првиот круг.
Селекторот Златко Далиќ се најде на голем удар од дел од домашните медиуми, но и критики по социјалните мрежи, кои како што вели, не се никакво мерило за искреното мислење на спортската јавност, туку носат само лажна претстава за реалноста конструирана само од медиуми кои имаат лична цел зад сето тоа и поединци кои се оптоварени со личните амбиции.
Во поопширно интервју за хрватските медиуми, Далиќ вели дека не планира така лесно да се откаже од своите принципи и да се повлече од селекторската функција.
„Нема да побегнам после некој неуспех. Не сум таков човек. Нема мене да ме избркаат некои наслови по одредени медиуми и критиките на социјалните мрежи, кои се едно зло на денешницата а не се никакво мерило за јавното мислење. Мое мерило се бројните навивачи и Хрвати во Берлин, Лајпциг, Хамбург… Мое мерило се сите оние искрени фудбалски работници кои знаат што е спортот. Доживеав пораз, а сите кои чекаа пораз ја дочекаа и својата шанса. Сега тие изведуваат пенал, јас се бранам. Ништо нема да ме поколеба , нема да се откажам од ништо свое, знам кој сум и што сум. Ниту Хрватска нема да се откаже од своите вредности, туку ќе продолжи понатаму. Да, резултатот е неуспех и јас за него преземам одговорност. И може само да заблагодарам на поддршката од претседателот, и од сојузот и од играчите. Нема да ме поколебаат пишувањата по социјалните мрежи, јас сум истраен и го знам својот пат“ -вели Далиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА