Златко Далиќ и по една преспиена ноќ остана крајно разочаран од изданието на хрватската репрезентација на отворањето на ЕВРО 2024 и убедливиот пораз од Шпанија.
Хрватскиот селектор призна дека поразот е заслужен откако неговите избраници беа целосно надиграни, а се осврна и на досудениот пенал за „коцкестите“ што Бруно Петковиќ не успеа да го реализира. Притоа, Далиќ отворено го критикуваше голгетерот на Динамо Загреб што ја зел топката и решил самиот да го изведе пеналот иако прекршокот бил направен врз него.
„Пеналите ги шутираат Крамариќ и Модриќ, но тие не беа во игра во теренот. Петковиќ не требаше да шутира, затоа што наше правило е никогаш да не шутира играчот што го изнудил ударот од белата точка. Ако веќе ние од клупата не успеавме да го решиме, постои хиерархија во репрезентацијата… тој никако не требаше да шутира. Воопшто не станува збор за преземање на одговорност, јас ќе го решам тој проблем. Требаше да шутираат Перишиќ или Мајер“, изјави хрватскиот селектор.
Критиките на Далиќ кон Петковиќ продолжија и со порака дека хрватскиот голгетер требало да стрела во празната мрежа пред да падне по прекршокот од Родри.
„Кога ја погледнав снимката, тој мораше да даде гол. Се му беше отворено, немаше голман… можеби имаше контакт што го исфрли од ритам, но голот беше празен и Бруно требаше да направи се за да ја смести топката во мрежата“, истакна Златко Далиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА