Златко Далиќ беше максимално разочаран по слабото издание на Хрватска и заслужениот пораз од 3-0 од Шпанија на премиерниот меч од „групата на смртта“ на овој европски шампионат.
Хрватите целосно потфрлија, како на тактички, така и на физички план, а Далиќ беше дополнително критикуван поради одлуката да го пресели својот најдобар дефанзивец, Јошко Гвардиол, на позицијата лев бек.
„Големо извинување до нашите навивачи, тоа е се што можам да им порачам. Поддршката беше фантастична, жал ми е што испадна вака… Нема предавање, пред нас е дуелот со Албанија, потоа и со Италија, знаеме што треба да сториме за да ја оствариме зацртаната цел. Гвардиол? Имаше проблеми во фазата на одбаната, досега играше добро на лев бек, се надевам дека ова против Шпанија беше само лош ден“, изјави Далиќ.
Недоволната агресивност на хрватските фудбалери беше главниот проблем што го потенцираше селекторот на „коцкестите“.
„Од самиот почеток имавме проблеми со нивниот висок пресинг, по петнаесетина минути успеавме да се консолидираме, но веднаш потоа примивме гол, па уште еден… Не бевме доволно сконцентрирани, како да немавме доволно енергија. Бевме предалеку од играчите во фазата на одбрана, им дававме премногу време и простор и бевме казнети за тоа. Делувавме немоќно, овој меч беше навистина лош и ќе мораме темелно да анализираме, да ја откриеме причината и да промениме некои работи за наредните две средби од овој шампионат“, порача кормиларот на хрватскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА