Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ зборуваше за новиот огромен успех на „коцкестите“ и пласманот во полуфиналето на Мундијалот во Катар.
Далиќ на денешната средба со медиумите истакна дека е горд на се што направија со националниот тим во изминатите пет години под негово водство, притоа потсетувајќи се и на тоа колку и како беше напаѓан и од „јавноста“ и од фудбалски поединци за неговиот метод на работа.
„Сетете се што се се правеше против мене. Сакаа да ме срушат. Не успеаја. Тоа е мојата сила. На многумина тоа им смета, што воспоставивме ред и дисциплина во селекцијата, заедништво. Имав многу тешки моменти кога ме напаѓаа без контрола и со секакви зборови, но му благодарам на Бога што ми даде сила кога потклекнав. Ми требаше таа сила за да издржам“ – истакна Далиќ, притоа дополнувајќи каде лежи тајната на успехот на селекцијата.
„Најважно е дека им всадив самодоверба, им дадов и слобода и дисциплина во исто време и играчите тоа го прифатија. Имам и грешки, признавам, но го правев тоа во најдобра намера. Секој го дава својот дел за оваа селекција, од играчите до сите во стручниот штаб. Владее доверба меѓу нас, никогаш не им наредувам, не инсистирам, но тие веќе научија дека некои нешта едноставно мора да се почитуваат. Во тоа е тајната“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА