Дамјан Стојановски е еден од најискусните во македонскиот национален тим, кој ги има минато најблескавите, но и најтешките моменти на репрезентацијата во последните десетина години. Капитенот на МЗТ Скопје е оптимистички расположен пред квалификацискиот турнир во Перм, на кој Македонија ќе се обиде да стигне до билет за Евробаскет 2022.
Предизвикот е огромен, „црвено-жолтите“ ќе играат четири средби во период од пет дена, но според Стојановски многу важно е што нашата репрезентација комплетна ќе го дочека „балонот“ во Перм.
„Одлична вест е дека сите повикани кошаркари се појавија на повикот, работевме заедно од првиот па се до последниот тренинг во Скопје, и се надевам дека сите ќе бидеме здрави, и дека одиме во Русија во полн состав. Четири натпревари во пет дена е многу напорно темпо. Но немаме многу голем избор. Токму поради тоа е добро што се јавија сите повикани играчи за секој да помогне за пласман на Европско првенство. Секако, поголемиот ростер на играчи на ваков турнирски систем на натпреварување многу значи, особено ако се знае дека играме четири натпревари за пет дена“, изјави Стојановски.
Клучен натпревар сигурно ќе биде оној последниот со Естонија, на која ќе се брка двоцифрена победа, но доколку Македонија слави на барем еден од претходните дуели (два со Италија, еден со Русија) доволна за билет за Евробаскет на нашата репрезентација е биде и минимална победа над Естонците наредниот понеделник.
„Сметам дека на секој натпревар треба да влеземе максимално подготвени. И доколку извојуваме некоја победа пред средбата со Естонија ќе биде од големо значење пред тој дуел со Естонија. Се разбира дека верувам, со добра подготовка и позитивна енергија мислам дека имаме добри шанси за пласман на Европското првенство“, оптимистички е расположен Дамјан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА