Дамјан: Чест ми е што пак сум капитен на МЗТ, заслужуваме да се вратиме назад во АБА1

МЗТ Скопје е максимално подготвен за стартот на новата сезона, во која „металците“ ќе ја имаат улогата на бранители на трофејот и во Првата лига и во Купот на Македонија.

Аеродромци одиграа одличен меч во рамките од Супер-купот на Македонија лесно совладувајќи го Феникс со двоцифрена разлика, како најава за успеси во новата сезона во која сино-белите повторно ќе бидат дел од АБА2-лигата.

„Пред нас е почетокот на првенството, како на домашната сцена, така и во АБА2. На дуелот со Феникс сите можеа да ја видат екипата, јас како тренер можам да кажам дека сум задоволен што успеавме да го задржиме костурот на домашни играчи од ланската сезона. Ростерот на екипата на МЗТ изгледа така што годинава би имале подолга клупа на која ќе можеме да се потпреме во двете натпреварувања, како што го замислувавме дека треба да изгледа пред почетокот на преодниот рок. Очекувањата се најголеми – јас сум тренер во најголемиот клуб во Македонија и секако овде приоритет е да се освојат сите трофеи, но ќе одиме од натпревар во натпревар и ќе растеме како што ќе минува времето. Во новата сезона битката за трофеи ќе биде далеку понеизвесна, но верувам во нас и во она што го работиме“, истакна тренерот Васко Атанасов.

Капитенот Дамјан Стојановски не ја крие гордоста што и во новата сезона ќе го предводи актуелниот македонски првак во атакот на трофеи.

„Чест и задовоство ми е што и сезонава ќе бидам капитен на МЗТ Скопје. Подготовките ги минавме добро, во пријателските средби ги видовме своите квалитети и недостатоци, имавме време да работиме на отстранување на маните. Можеме да ги оствариме целите во домашното првенство, но и да се вратиме во АБА1, каде што МЗТ Скопје дефинитивно заслужува да има место. Првенството ќе биде неизвесно, да бидам искрен не сум ги гледал екипите, знам кои играчи ги донесоа, но не знам како ќе изгледаат на терен. Ние гледаме само на себе, да играме што подобро и верувам дека тоа е вистинскиот пристап за да се стигне до позитивен резултат“, изјави Дамјан Стојановски.

Се вчитува...