Дамјан Митев броеше до 11, Алкалоид рутински до победа над Пролет

Ракометарите на Алкалоид рутински стигнаа до нови бодови во суперлигашката конкуренција откако вечерва без многу мака славеа на домашен терен над Пролет со резултат 35-26. Избраниците на Кире Лазаров рутински ја одработеа задачата на овој натпревар, враќајќи се на победнички патеки по разочарувачкиот пораз во Битола од Е. Пелистер пред неколку дена.

Пролет успеа да парира целосно на фаворитот во првите 25 минути од натпреварот. Гостите последното водство го имаа при 5-6, а на пет минути до крајот на полувремето резултатот беше израмнет 10-10. Токму тогаш Алкалоид успеа да се одлепи и на одмор да замине со 14-10, а потоа на стартот од второто полувреме уште повеќе ја зголеми позитивата до 20-13. Остатокот од мечот беше рутина за тимот предводен од Лазаров, кој лесно го контролираше резултатот и рутински стигна до победата на овој натпревар.

Младинскиот и кадетскиот репрезентативец Дамјан Митев блескаше со единаесет гола во победничкиот тим, Петковски постигна шест, а новото засилување Ивановски пет погодоци за Алкалоид. Најефикасен во таборот на Пролет беше Андреј Стојановски со пет погодоци.

Се вчитува...