МЗТ Скопје полека, но сигурно се екипира за наредната сезона, а актуелниот македонски првак заврши голем дел од работата со потписот на поранешниот капитен Дамјан Стојановски. Репрезентативецот ја пропушти целата ланска сезона поради повреда на коленото, по што сега повторно потпиша за „металците“, тимот за кои настапуваше со години наназад, по камбекот назад во Македонија од Лукоил.
„Една сезона не бев под договор, но се чувствувам како воопшто да не сум заминал од ’Јане Сандански’. Едноставно, тука сум како дома со оглед што одамна немам настапувано за друг клуб освен за МЗТ Скопје Аеродром. Периодот го искористив да се вратам по незгодата која ме снајде на средбата против Велика Британија во дресот на македонската репрезентација. Најтешкиот дел по повредата е зад мене. Рехабилитацијата минува одлично, засега сѐе како што треба и сигурен сум дека ќе бидам максимално подготвен за стартот на новата сезона“, вели Стојановски во интервју за официјалната веб-страница на МЗТ Скопје.
Уште неколку екипи најавуваат составување на силни екипи и атак на пехарите, но Дамјан е оптимист дека МЗТ во следната сезона ќе стигне до двојна круна.
„Освојување на титулата и враќањето на пехарот од Купот на Македонија дефинитивно се нашите приоритети за следната сезона, а кои се надевам дека ќе успееме да ги оствариме. Во првенството мора да почнеме силно уште од самиот старт и да покажеме дека немаме намера да се откажеме од доминацијата. Со добрите партии низ шампионатот се демонстрира квалитетот, но и се обезбедува предноста која дефинитивно може да биде клучна во плејофот. Купот, пак, е специфично натпреварување во кое се можни изненадувања, за што МЗТ Скопје Аеродром е најдобар пример. Но, сигурен сум дека екипата во целост ќе ги проучи слабостите од годинешниот завршен турнир во Кавадарци и дека ќе го вратиме победничкиот пехар онаму каде што му е местото, во витрините на нашиот клуб“, истакнува одличниот крилен кошаркар.
За жал, тој нема да биде дел од репрезентацијата на Македонија летово во дуелите од претквалификациите за СП 2019 поради рехабилитацијата од повредата.
„Косово и Естонија се селекции кои треба да се сфатат максимално сериозно. Денеска едноставно нема лесни противници на европската кошаркарска сцена. Најдобар пример за ланските квалификации за ЕП кои се надевавме дека лесно ќе ги поминеме, но на крајот завршивме полошо и од најцрните очекувани сценарија. Само со максимален пристап и огромна желба може да стигнеме до посакуваното место во главните квалификации“, завршува Дамјан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА