Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер го назначи наследникот на Жељко Бабиќ на кормилото на клубот. 56-годишниот Ларс Валтер од денеска е предводник на Еурофарм Пелистер и прв тренер од Скандинавија кој доаѓа во Битола.
Валтер има долгогодишно искуство и многу трофеи во тренерската кариера. Тој во Македонија доаѓа од Полска, каде го водеше тимот на Азоти Пулави, а претходно беше предводник на Флензбург, Порто, Кадетен Шафхаузен, Висла Плок, Баја Маре, Горење, Емсдетен, Хилдехајм, Конверсано и данските екипи Роар Роскилде, Есбјерг и Вирум. Со Висла беше шампион на Полска, со Баја Маре го освои романското првенство, двапати триумфираше во шампионатот на Швајцарија со Кадетен Шафхаузен, а има забележителни резултати и во евро-куповите, каде играше во нокаут фазата на Лигата на шампионите со Висла и Горење. Во 2011 и 2012 година е прогласен за тренер на годината во Полска.
„РК Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека за нов тренер на екипата го назначи Ларс Валтер. 56-годишниот стручњак од Данска потпиша двегодишен договор и официјално ќе биде претставен по неговото доаѓање во Битола пред стартот на подготовките. РК Еурофарм Пелистер му посакува добредојде на Валтер во ракометна Битола и Македонија“, се вели во соопштението на клубот.
Претходно како ракометар Валтер ги носел дресовите на Алборг и Брондеслев во Данска, Нордхорн и Емден во Германија, Маритимо и Спортинг во Португалија и Акуреји во Исланд.
Пелистерци се во процес на комплетирање на екипата и од новите имиња до овој момент во Битола сигурно доаѓаат Руди Сери, Урбан Лесјак, Вилсон Дејвис, Усама Хосни, Жарко Пешевски и Денис Васиљев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА