Најдобрите фудбалски судии од Европа во текот на идната недела ќе се соберат во Женева во Швајцарија за да се провери нивната подготвеност за сезоната 2024/25. На семинарот ќе учествуваат вкупно 100 судии во машка и женска конкуренција, четири фитнес и неколку кондициони тренери кои ќе раководат со семинарот.
На семинарот Судиската комисија на УЕФА го повика и нашиот најдобар судија Александар Ставрев кој заедно со другите судии ќе полага фитнес тест како потврда на неговата форма.
Меѓу четворицата повикани УЕФА фитнес тренери се наоѓа и националниот кондиционен тренер на Фудбалската федерација на Македонија, задолжен за фудбалските судии Сашо Даневски кој последователно е присутен како дел од фитнес тимот на УЕФА и кој ги подготвува и тестира елитните европски судии.
Даневски освен на овој семинар, во текот на септември ќе продолжи да работи со новите судии на УЕФА кои се здобиле со право да судат на меѓународната сцена во 2024 година како и со талентирани млади судии од осум држави во развојниот курс на „CORE“.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА