Дани Алвеш доби отказ од Пумас, но ќе треба да плати и 4,5 милиони долари

Дани Алвеш не може да крене глава од проблеми, екс-фудбалерот на Барселона се наоѓа во притвор во каталонската престолнина и многу се големи шансите дека ќе му биде одредена затворска казна поради сексуален напад врз една девојка во ноќен клуб на крајот од ланската година.

Мексиканскиот клуб Пумас веднаш по големиот скандал објави дека го раскинува договорот со бразилскиот ветеран, но денеска беше обелоденето и дека Пумас испратил тужба, во која бара 4,5 милиони долари од својот доскорешен фудбалер.

Според Мексиканците, во клаузулата 15 од потпишаниот договор за соработка стои дека во случај Алвеш да биде вклучен во било каков скандал или криминално дејствие, или пак доколку биде позитивен на допинг-тест, ќе мора да ги врати сите пари што ги има земено од клубот.

Затоа, при самиот раскин на договорот со Алвеш менаџерот на фудбалерот е известен и за барањето согласно клаузулата 15. Доколку Бразилецот во наредните 30 дена не го исплати она што го должи согласно договорот, ќе биде тужен најпрвин во Спортскиот суд на ФИФА, а потоа и преку државните судови.

Се вчитува...