По заминувањето на тренерот Љупчо Марковски-Калц од Тетекс, кој во една турболентна сезона успеа на штофарите да им обезбеди опстанок во Втората лига по победата во бараж средбата со Осогово, тетовци експресно пронајдоа замена за него. Во новото првенство старо-нов тренер на Тетекс ќе биде Даниел Радевски, поранешен играч на Цементарница и Тетекс, кој во минатата сезона три-четири кола седеше на неговата клупа но поднесе оставка по поразот од Беса.
Прифати да биде тренер на Тетекс, дојде во најлошо време откако неговиот претходник Бојан Захариев направил вистински хаос во клубот на кој едно време му се закануваше и згаснување, но за среќа една група ентузијасти, предводени од Драгољуб Јовановски, Бобан Мишевски, Перо Јовановски, Ненад Спасовски, Живко Антовски, Ивица Хаџи Иљовски, предводени од д-р Бобан Вучевски и со голема помош на навивачката група Војводи успеаја со многу напор да го спасат клубот од најлошото.
„Можеби тогаш избрзав со поднесената оставка, требаше да останам, но тренерското неискуството го направи своето.Останав без играчи, во клубот владееше една траорна атмосфера, беспарица, но полека сето тоа почна да се средува и видовте,Тетекс се спаси од испаѓање во што многу помогна и искусниот тренер Љупчо Марковски“, ни изјави Радевски, кој се надева на убави фудбалски времиња на поранешниот прволигаш во Југославија, во новата сезона.
Клубот сега го водат вистински љубители на фудбалот, веруваме дека и градот ќе помогне за уште поголема стабилизација на Тетекс. Второлигашот од Тетово ги почна подготовките за новата второлигашка сезона која почнува на 12 август. Веќе се закажани и првите две контролни средби со Беса на 12-ти јули и Победа од Прилеп на 15-ти јули. Во план се уште три пријателски средби до стартот на новата сезона.
Од клубот си заминаа Емил Скоко во Охрид, Александар Ангелковски на Косово, Димитри Поповски во Силекс и Нинослав Здравкоски, кој замина на работа во Германија. Нови играчи се:Михајло Јакимовски /Воска/, Астрид Амзаи/Гостивар/ и Димитри Кочовски/Победа/.Тетекс е во преговори со уште двајца квалитетни играчи, за ден два ќе бидат познати нивните имиња.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА