Македонските ракометни надежи минатата недела имаа успешен настап на турнирот во Балатонфуред во Унгарија. Младинската репрезентација (играчи до 20 години) и кадетската репрезентација (играчи до 18 години) забележаа победи во сите девет натпревари. По две победи двете селкции славеа против репрезентацијата на Бугарија и беа поуспешни од своите врсници од екипата на Веспрем. Младинците запишаа победа и против тимот на Ајка, а кадетите имаа уште две убедливи победи против Егерсеги.
Успешниот настап во Унгарија беше заокружен и со три индивидуални признанија за македонските репрезентативци – Мартин Серафимов беше прогласен за МВП во кадетска, Томислав Јагуриновски за МВП во младинска конкуренција, а Матеј Петковски го доби признанието за најдобар голман кај младинците.
„Имавме добра проверка, одигравме добри натпревари, впечатокот генерално, е многу позитивен. Задоволен сум од пристапот и од однесувањето на играчите и на терен и надвор од терен, желни се за играње и за докажување. Наметнавме систем кој веќе почна да функционира, играчите добро го прифаќаат и се приспособуваат на тоа. Не треба да не фати еуфорија, ова се само тест-натпревари. Но, добро напредуваме и одиме во добар правец“ – истакнува селекторот Данило Брестовац.
За младинската репрезентација ова беше четврти подготвителен собир пред настапот на ЕХФ Шампионатот на кој Скопје ќе биде домаќин. Брестовац истакнува дека во оваа генерација има добар репрезентативен потенцијал, кој треба да се развива во позитивна насока и да се направи добра база за иднина. Во тој контекст, се раѓа и идеата за формирање на „Б“ репрезентација.
„На некои од натпреварите ме воодушевија. Натпреварот со Веспрем ми даде „милион“ одговори на сите прашања. Генерацијата ’98 убаво се развива и со добра работа може многу да се постигне со овие играчи. Не смееме да ја оставиме оваа генерација. Ако сме паметни треба да направиме еден квалитетен, широк репрезентативен ростер со формирање на „Б“ репрезентација во која уште сега би ги насочиле овие млади играчи. Играчите така ќе бидат вклучени во целиот тој репрезентативен систем во континуитет, а репрезентацијата ќе има поширока база“ – вели Данило Брестовац.
Младинските состави пред ЕХФ Шампионатите што им претстојат летово ќе имаат уште една подготвителна фаза во периодот мај-јуни, со неколку тест-натпревари. Селекторот најави дека во оваа фаза постои можност во репрезентативниот состав шанса да добијат и неколку талентирани млади ракометари кои живеат во странство.
„Се работи за млади ракометари кои живеат во странство, а имаат македонско потекло. Едниот е Mики Петров кој живее и тренира во Шведска, а другиот е Филип Андонов кој игра во Грота на Исланд. Целта е секој да добие шанса, да се направи добра селекција и долгорочно, да имаме поширок состав со две еднакво квалитетни екипи, а не да ја базираме играта само на 6-7 играчи“ – нагласува Брестовац.
Младинската репрезентација од 20 до 29 јули ќе настапи на ЕХФ Шампионатот што ќе се одржи во Скопје, а кадетите во периодот од 10 до 19 август ги очекува настап на ЕХФ Шампионатот во Тбилиси, Грузија. Следната година, Македнија ќе биде домаќин на Светското првенство за кадети што ќе биде убава шанса за македонскиот ракометен подмладок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА