Металург во комплетен состав под водство на новиот тренер, Данило Брестовац, продолжи со тренинзи во Автокоманда, во завршните подготовки пред стартот на новата сезона.
Ракометарите на македонскиот вицешампион, првата фаза од подготовките ја одработеа во Маврово. Во саботата во Струга го одиграа првиот дуел против Вардар во македонскиот Супер куп и по два дена одмор продолжуваат со тренинзи во Автокоманда.
Поради селекторските обврски на Данило Брестовац со кадетската репрезентација на Македонија на ЕХФ шампионатот во Тбилиси, подготовките во првата фаза ги спроведуваа неговите асистенти, Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.
Како нови засилувања во составот на Металург пред новата сезона дојдоа белгискиот среден бек, Арбер Ќерими од тимот на Сесон, хрватскиот пикер Адријан Миличевиќ, младиот српски голман Предраг Мијатовиќ и се врати Бојан Маџовски. Во составот на „металурзи“ се приклучува и левиот бек на македонската кадетска репрезентација, 16-годишниот Теодор Тодески.
Првиот натпревар од новата сезона во регионалната СЕХА лига, Металург го игра на 29 август против градксиот ривал Вардар. „Металурзи“ се во улога на домаќини, но натпреварот ќе се игра теренот на вардарци во СЦ „Јане Сандански“. Следен на распоредот е гостинскиот натпревар против Мешков Брест на 2 септември.
Новата сезона во Лигата на шампионите, за „металурзи“ стартува на 15 септември против Спортинг во Лисабон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА