Милан продолжува да преговара за засилување на играчкиот кадар, а Кристијан Пулишиќ нема да биде последното освежување за навалната линија на „росонерите“. Пиоли бара утше најмалку еден крилен офанзивец, управата се обидува да ја исполни желбата на тренерот, а на врвот на листата со имиња се наоѓа Арно Данјума.
Станува збор за играч кој е под договор со Вилјареал, но во „жолтата подморница“ не сметаат сериозно на неговите услуги. Впрочем, Данјума беше испратен на позајмица во вториот дел од ланската сезона во Тотенхем, но и таму не се прослави, постигнувајќи два гола на 12 одиграни натпревари. „Спарси“ очекувано не го откупија целосно неговиот договор со шпанскиот клуб, но во Милан се оптимисти дека ќе успеат да го договорат доаѓањето на овој играч на едногодишна позајмица, без клаузула за задолжителен откуп.
Евертон и Феенорд исто така покажуваат интерес за фудбалерот на Вилјареал, но „росонерите“ веруваат дека имаат доволно адути во преговорите за да излезат како победници од оваа трка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА