Данска е на чекор до првата светска ракометна круна откако ко-домаќинот на СП 2019 во фуриозното прво полувреме против Норвешка има предност од убедливи 18-11. Избраниците на Николај Јакобсен играат извонредно, не давајќи му на противникот ниту можност да се понадева, камоли да направи изненадување на вечерашниот финален дуел во Хернинг.
Уште од самиот почеток стана јасно дека Данците ќе го диктираат темпото, продолжувајќи со игра во нападот со идентична самодоверба како и при перфектното полуфинално издание со Франција. Промашениот прв пенал на мечот беше лош знак за норвешкиот состав, кој се држеше десетина минути, но потоа секое промашување на Сагосен, Род и соиграчите беше безмилосно казнувано од домаќините.
Берге побара тајмаут при негатива од 5-9, но ситуацијата на теренот воопшто не се промени, бодрени од навивачите данските ракометари лесно ја контролираа предноста, играјќи беспрекорно во нападот, но и благодарение на неколкуте одлични интервенции на Ландин на нивниот гол, до крајот на полувремето кревајќи ја разликата на седум погодоци.
Лауге е најефикасен со четири гола кај Данска пред Хансен и Олсен со по три гола, Сагосен со четири е прв стрелец на Норвешка по 30 минути игра. Останува уште едно полувреме, во спортот се случувале и поголеми пресврти, но по едно вакво издание на Данска јасно е дека шансите за чудо на Норвешка се сведени на теорија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА