Данска е ракометна велесила, го збриша Бразил за место во полуфиналето

Данска е третиот полуфиналист на СП 2025 откако актуелниот светски првак одигра уште еден беспрекорен натпревар, славејќи над селекцијата на Бразил со убедливи 33-21. Данците цел шампионат делуваат импресивно, а во ист стил продолжија и во денешното четвртфинале во кое целосно доминираа во однос на противникот.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Бразил нема што да бара, откако Данска отвори маестрално, по 15 минути игра поведувајќи со 10-3. Потоа следеше опуштање во играта на „црвено-белите“, што беше искористено за Бразил на полувреме да замине со само три гола негатива (15-12). Селекторот Јакобсен очигледно на паузата максимално ги мотивираше своите ракометари, па Данците повторно додадоа гас и успеаја да се одлепат резултатски.

Клучен беше периодот по 40. минута во кој на сцена стапи голманот Емил Нилсен кој повеќе од 12 минути не прими ниту еден гол, што Данска го искористи за да се одлепи резултатски и на крајот да слави со убедливи „плус 12“.

Нилсен со 15 одбрани заслужено беше избран и за МВП на натпреварот, најефикасни кај Данска беа Гидсел, Лауге и Јакобсен со по шест погодоци, додека прв стрелец на Бразил во овој четвртфинален пораз беше Лима де Карвалјо со седум погодоци.

Данска за противник во полуфиналето ќе го има подобриот од вечерашниот дуел меѓу Португалија и Германија.

Се вчитува...