Ракометниот спорт ќе добие нов светски владетел по денешното финале меѓу Данска и Норвешка, двете селекции кои излегоа како победници од полуфиналните пресметки во Хамбург, па денеска со почеток во 17.30 часот ќе излезат на мегдан во „Јиске Банк Боксен“ во Хернинг. Норвешка никогаш досега не била светски првак, па оваа селекција предводена од неверојатниот Сагосен ќе се обиде да направи чекор понапред во однос на СП 2017, кога стигна до финалето, но загуби од домаќинот Франција.
И овојпат Норвежаните за ривали во битката за златото ќе имаат домаќин, селекцијата на Данска. Сепак, првиот тест на зрелост го минаа пред две дена кога среде Хамбург ја елиминираа Германија, па избраниците на селекторот Берге сега се на само еден чекор до местото во спортската историја на својата земја.
„Играме втор меч по ред пред полни трибини, но со навивачи кои се против нас. Ова ќе ни даде дополнителна енергија, искрено забавно е да се даде гол кога цела сала ти свири“ – изјави пивотот на норвешкиот состав, Петер Оверби.
Двете скандинавски селекции се сретнаа и во првата фаза од овој Мундијал, исто така во Хернинг, каде Данска предводена од Хансен и неговите 14 погодоци стигна до победа од 30-26.
Главните играчи на Данците, Хансен, Ландин и Лауге, беа дел од репрезентацијата и на последните две мундијалски финалиња, од Франција на СП 2011 и од Шпанија на СП 2013, на кои оваа селекција претрпе порази. Светската круна е единствениот пехар што им недостига на Данците, по европските трофеи од 2008 и 2012, како и олимписката титула во Рио во 2016 година.
„Желбата е огромна, знаеме дека никогаш не сме биле поблиску до трофејот бидејќи сега го играме финалето на домашен терен. Сепк, исто така знаеме и дека воопшто нема да ни биде лесно бидејќи Норвешка е одлична репрезентација“ – порача голманот Ландин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА