Данска одржа лесен тренинг со ослабената Црна Гора

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Данска лесно ја оправда фаворитската улога на дуелот со Црна Гора, триумфирајќи убедливо со 30-21 за први бодови во групата А што се игра во „Феникс“ арената во Дебрецин.

Црногорците со огромни проблеми влегоа во овој меч, преполовени поради коронавирусот, па само десетина минути успеаја да му парираат на големиот фаворит. По израмнетите 4-4 следеа четири гола во серија на Данците, кои потоа ја зголемуваа предноста до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 18-10. Преостанатите триесет минути минаа во рутинско одржување на предноста, при што Данците сочуваа и дел од силите за предизвиците што ги очекуваат до крајот на шампионатот.

Микел Хансен беше задолжен за седмерците во данскиот табор и постигна десет погодоци, додека најефикасен кај Црногорците беше Вујовиќ со осум постигнати гола.

Црна Гора во второто коло ќе биде ривал на селекцијата на Македонија, додека Данците в сабота ги очекува далеку посериозен испит против репрезентацијата на Словенија.

Се вчитува...