Селекцијата на Данска ќе допатува во нашата земја со малку изменет состав во оној со кој ни се спротивстави на првиот натпревар од вториот круг на претквалификациите за ЕП 2025 одигран во Нествед.
Основната информација од таборот на нашиот ривал пресрет на дуелот закажан за 13. ноември во салата „26.април“ во Гевгелија, е дека нивниот стручен штаб не може да смета на двајца важни играчи.
Во овој момент, извесно е дека Габриел Ифе Лундберг, како важен играч на Виртус Болоња, има обврски во Евролигата и распоредот на италијанскиот тим во ова натпреварување не му дава можност да заигра во ноемврискиот ФИБА „прозорец“, во кој освен дуелот со Македонија, Данска игра и против селекцијата на Словачка.
На списокот кој го објави на официјалната веб-страница на националната федерација, селекторот Алан Фос, го изостави и Кевин Ларсен за кого се вели дека мора да мирува, и нема дозвола за играње во наредниот период.
Од тие причини, стручниот тим на Данците одлучи да им даде шанса на тројца нови кошаркари, а списокот со 12. кошаркари е комплетиран со играчот на Бакен Беарс, Ноа Черчил, како и Џонатан Клусман (Рандерс Кимбриа) односно Дејвид Кристенсен (Навара).
Репрезентативците на Данска ќе се соберат на 7. ноември во Словачка, каде ќе се подготвуваат за претстојните натпревари. Прво со Словаците, на 10. ноември, а три дена подоцна, на 13. ноември, против Македонија, во Гевгелија.
Ростер на Данска, за средбите со Македонија и со Словачка:
Адама Дарбо, Асбјорн Мидтгард, Давид Кристенсен, Даниел Мортенсен, Дарко Јукиќ, Густав Кнудсен. Јонас Зохоре, Џонатан Клусман, Мадс Бонде, Ноа Черчил, Себастијан Арис, Силвестер Берг
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА