ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Во последниот натпревар од главната фаза на ЕП во Хрватска, македонската репрезентација денеска (18.15 ч.) ќе игра против Данска. Иако Македонија влезе како непоразена и втортаа фаза ја почна од лидерската позиција во вараждинската група, работите драстично се сменија по двете кола.
По катастрофата против Шпанија (20-31) и вчерашниот пораз од Чешка (24-25), Македонија и теоретски ги загуби шансите за историско полуфинале. И не само тоа, од сите шест репрезентации, Македонија е единствена што испадна од игра пред последниот круг, а Данска е единствена од оваа група со веќе обезбедено полуфинале на ЕП. За второто место во Топ 4, во последните натпревари во Вараждин, со различни коминаторики се борат Словенија, Шпанија, Германија и Чешка.
„Се освен победа вечерва против Македонија ќе биде големо изненадување и никој не верува дека тоа сега може да се случи“ – велат од данската репрезентација во изјавите за нивните медиуми.
Со победа во вечерашниот дуел, Данска го обезбедува првото место во групата и можеби и борбата за европското злато. Тоа ги потсети Данците да евоцираат убави спомени од ЕП 2012 кога со онаа среќна победа против Македонија (33-32) всушност, им се отвори патот до полуфиналето и потоа до европската титула.
Македонија е во многу поинакво расположение и во многу потешка позиција пред денешниот дуел. За разлика од Данците кои вчера имаа ден одмор, македонските ракометари за два дена треба да одиграа два меча, а по двата порази и загубената историска шанса, сигурно ќе биде многу тешко и да се вратат повторно во оној победнички ритам што го имаа во првата фаза.
„Што е, тука е. Не чека натпреварот со Данска, мора да собереме сили и да одиграме. Ако победиме ќе бидеме трети и ќе разигруваме за 5.место…“ – рече Филип Талески со малку оптимизам по вчерашниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА