Дарио Ивановски во машка и Дрита Ислами во женска се најдобрите македонски атлетичари во сениорска конкуренција за 2018 година.
Атлетската федерација на Македонија на свеченост ги прогласи најуспешните атлетичари, тренери, рекордери и освојувачи на медали за изминатата 2018 година. Притоа во сениорска конкуренција признанието најдобар за 2018 година замина кај Дарио Ивановски, победник на Скопски и Белградски полумаратон и регионален шампион, учесник на Светското првенство во сала кое се одржа во Бирмингем, Англија, рекордер од Истанбул на Балканското првенство во сала, учесник во финалната трка на медитеранските игри во Тарагона, учесник на Европкото првенство во Берлин во дисциплината 1.500 метри, како и учесник на Балканското првенство во Стара Загора во дисциплината 3.000м на која постави државен рекорд. Ивановски е најнадежниот атлетичар кој АФМ го имала последниве неколку година, воедно е и сериозен кандидат за учество на ЛОИ Токио 2020 .
Дрита Ислами, пак, во 2018 година продолжи да се доближува кон зацртаната цел Токио 2020, преку успешните учества на Медитеранските игри во Тарагона, Европкото првенство во Берлин и Балканското првенство во Стара Загора во дисциплината 400 метри со пречки.
Како што информираа од АФМ, во 2018 година соборени се вкупно 11 рекорди, 8 во сениорска категорија и 3 во помладите категории и тоа: 5-те рекорди на Адријана Поп Арсова во маратон кој го собори три пати во 2018 година како и постави нови рекорди на трките на 10.000 метри на стаза и 10 км. на пат, два рекорди на Дарио Ивановски на 3.000 метри во сала и на отворено, Ѓорги Илов кој два пати го подобри својот рекорд во фрлање диск во младинска категорија, рекордот на атлетскиот клуб Лириа во штафетата на 400-300-200-100 метри во состав Анеса Хајдари, Хајрие Азири, Ирма Хајдари и Елма Незири во категоријата млади младинки, и рекордот на Трајче Михов кој го подобри своето време во дисциплината трчање на 24 часа кој успеа да претрча 230 км за еден ден. Покрај соборувачите на рекорди од АФМ го истакнуваат и единствениот освојувач на медал за 2018 година на големите меѓународни натпревари Кокан Ајановски кој го освои 3. место на Балканско првенство во маратон одржано во Лимасол, Кипар.
Инаку, изминатава година Европската атлетска федерација додели две сребрени значки за високи вредности и значаен придонес во атлетскиот спорт на Соња Михајлоска – член на извршниоот одбор на АФМ и Проф д-р. Беџет Точи – тренер на Атлетскиот клуб Студенти од Тетово.
На свеченоста се обрати и претседателот на Атлетската федерација на Македонија г-динот Крсто Серафимовски кој најпрво ги поздрави присутните гости, како и претставниците од Агенцијата за Млади и Спорт на Р. Македонија и претставниците на Македонскиот Олимпискиот Комитет, притоа посакувајќи им на сите добитниците на годинашните признанија поуспешни спортски резултати во новата 2019 година.
ДОБИТНИЦИ ЗА ПРИЗНАНИЕ ЗА 2018 ГОДИНА:
Млади пионерки: Сара ОСМАНОВСКА (АК 7. Мај од Скопје)
Млади пионери: Владимир БИТОЉАНУ (АК Работнички)
Пионерки: Гала УРДАРЕВСКА (АК Работнички)
Пионери: Адријан ИСМАИЛИ (АК Стунденти)
Млади младинки: Јана МИТОВСКА (АК Работнички)
Млади младинци: Наско СТАМЕНОВ
Младинки: Бесијана МУСТАФА (АК Лирија) и Ајше ХАЛИЛИ (АК Студенти) – за прикажаното во 2018 година ИО на АФМ одлучи и двете атлетичарки бидат прогласени за најдобри во категоријата Младинки
Младинци: Милан Вељковиќ (АК Куманово)
Сениорки: Дрита Ислами (АК Работнички)
Сениори: Дарио Ивановски (АК Работнички)
Најуспешни тренери: Александра Војнеска Зикова (АК Работнички) и Филип Колевски (АК Куманово)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА