Дарио Ивановски: Мојот сон стана реалност, ќе се борам со сите сили за нашата сакана Македонија

Македонскиот знаменосец на отворањето на Олимписките Игри во Париз, атлетичарот Дарио Ивановски преку видео-порака непосредно пред свеченото отворање на ОИ говореше за големата чест што му се укажува да биде дел од овој голем настан.

„Почитувани Македонци, можам да кажам дека мојот сон конечно стана реалност. Сите оние километри, со години и години наназад, сум се замислувал самиот себе си како дел од Олимпискиет Игри, целиот живот сум го посакувал овој момент и тоа ми се исполни. Сонот ми се исполни со многу работа, пот и многу труд, сите оние кои ме познаваат знаат колку вложив за да го достигнам овој момент. Ве уверувам дека на овие ОИ ќе го дадам максимумот, ќе се борам најсилно што можам за нашата драга Македонија. Сакам да бидам конкурентен, да не бидам само учесник, туку да бидам рамо до рамо со најдобрите. Ве уверувам дека ќе гледате прекрасна Олимпијада заедно со мене и со нашиот олимписки тим“, порача Ивановски.

Македонскиот атлетичар се осврна и на тешката сезона во која истрча четири тешки маратонски трки во оваа 2024 година.

„Секој маратон си има своја приказна, буквално за секој завршен маратон можеш да напишеш книга, но замислете… овојпат ја трчам најтешката олимписка дисциплина, маратонот, и за мене како што кажав е огромно задоволство, ќе уживам од првиот до последниот момент. Вложив и повеќе од максимумот за да бидам овде, во пет месеци истрчав четири маратони, но си реков, овојпат ако треба ќе го жртвувам и здравјето и се, само за да бидам овде“, истакна Дарио Ивановски.

Маратонската трка во која Дарио Ивановски ќе ги брани боите на Македонија на ОИ во Париз е закажана за 10 август.

Се вчитува...