Најдобриот македонски атлетичар на долги патеки, Дарио Ивановски обезбеди место во утрешното финале на трката на 1.500 метри на Медитеранските игри во Тарагона. Во полуфиналето Ивановски уште еднаш го потврди огромниот потенцијал истрчувајќи второ најдобро македонско време на сите времиња, 3:47.21, притоа подобрувајќи го своето најдобро време за повеќе од четири секунди.
Но, наспроти извонредниот резултат, останува впечатокот дека македонската атлетска и спортска јавност на Ивановски ќе се сети само кога остварува резултати за восхит кои за младиот атлетичар најавуваат повеќе од квалитетна спортска кариера. Токму затоа и револтот на неговиот тренер Игор Јакимовски…
Дарио Ивановски е стипендист на МОК, но како што вели и Јакимовски оставен е на „милост и немилост“ на нечија поединечна желба да ја пушта стипендијата за која Ивановски чека и по неколку месеци. Дополнителен проблем е немање ниту основни услови за работа пред затворените спортски арени поради што веќе следат најавите дека во иднина најдобриот македонски атлетичар и тоа како ќе размисли каде, како и со кого ќе продолжи…
„Дарио стигна до второто најдобро време во историјата на македонската атлетика и конечно освоени над 1000 ИААФ бодови за македонски атлетичар на долги и средни патеки. Но, дел од домашната спортска јавност очекува и посакува поквалитетно ниво на работа со Ивановски. Да, поквалитетно и повисоко ниво ние ќе постигнеме доколку не ја чекаме стипендијата по неколку месеци и не се молиме за неа. Ќе бидеме поконцентрирани ако не се оптоваруваме со покривање на сите трошоци со мои финансиски средства, собирање сметки и ‘докторирање’ на сметководствени извештаи додека чекам некој да се смилува да ја пушти заслужената стипендија. Ќе работиме подобро доколку не не бркаат од спортските игралишта и не ни го затвораат стадионот за тренирање. Ќе работиме уште посилно за македонската атлетика ако некој се смилува во оваа држава да го стави Дарио на платен список за просечна плата, затоа што тој животот го жртвува за Македонија а нема никаква егзистенција. Ќе гинеме на секој репрезентативен настап ако добиеме заслужена поддршка како и илијадници други спортисти кои со греење на клупа добиваат 100 пати повеќе од еден национален рекордер, затоа што некој таму оценил дека некои спортови не биле важни за нашата држава. Ќе бидеме горди и ќе работиме на повисоко ниво ако цело време ја чувствуваме вистинската почит од сите авторитети во секое време, а не само кога се постигнуваат резултати. Да, ние сакаме да работиме на многу повисоко и поквалитетно ниво, но имаме милион препреки да стигнеме до тоа. Затоа оваа сезона убаво ќе размислиме каде, како и со кого ќе продолжиме во иднина. Но, потоа „Цацко да не им биде виновен’ на некои…“ – вели Игор Јакимовски, тренерот на Дарио Ивановски, во својата реакција околу третманот кој го има најдобриот македонски атлетичар од соодветните спортски институции.
Токму за актуелните состојби во македонската атлетика, а по одличните резултати на Дарио Ивановски, се огласи и еден од најдобрите македонски маратонци, Александар Кираџиев кој бара и промена во раководството на Атлетската федерација на Македонија.
„Со вистинска федерација позади ваквите тркачи, перформансот ќе достигнува квантни скокови. Оваа структура мора под итно да се промени! Каде му овозможија подготовки на Дарио? Каде му овозможија патување на силен митинг во странство? Што од опрема доби? Каква исхрана доби? Крсто Серафимовски со гарнитурата ќе биде збришан засекогаш од федерацијата и за атлетичарите ќе дојдат поубави времиња. Го кажувам тоа и се додека нема да го направиме, нема да застанам!“ – вели Кираџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА