Дарио Шариќ има нов клуб во НБА-лигата откако хрватскиот крилен кошаркар го договори трансферот во таборот на Голден Стејт вориорс. „Воините“ неколку седмици преговараа со Шариќ, кој на крајот прифати да потпише договор за „ветерански минималец“. Според овој договор, хрватскиот кошаркар ќе зема плата од 2,7 милиони долари, што е значително намалување во однос на оние девет милиони долари по сезона што Шариќ ги земаше според претходниот договор што истече на крајот од оваа сезона.
За услугите на овој кошаркар се интересираа и клубови од Евролигата, но пресудила желбата на Шариќ да остане во НБА и да докаже дека се уште може на високо ниво да се натпреварува во најсилната лига во светот. Тој ја мина ланската сезона во дресот на Феникс и на Оклахома, но имаше скромни бројки од 6,4 поени и 3,4 скокови по натпревар.
Брзата игра на Голден Стејт би требала да му одговара на Шариќ, кој се надева дека наредното лето би добил нов значително подобар договор од финансиски аспект.
Голден Стејт ќе биде петтиот НБА-клуб во кариерата на Шариќ, кој претходно ги бранеше боите на Филаделфија, Минесота, Феникс и на Оклахома сити тандер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА