По цели шест месеци Дарко Чурлинов повторно на собир со македонската репрезентација.
Фудбалерот на англискиот премиерлигаш Барнли, по несаканати здравствени проблеми со кои се бореше изминатите месеци минувајќи низ тежок животен период, сега како што вели е пресреќен што е повторно со репрезентативните соиграчи за клучната пресметка во квалификациите за ЕП 2024, против Украина во Прага.
„Минав низ тежок период и одлично е чувството што повторно сум на терен. Сите знаете во каква ситуација бев и навистина сум среќен што повторно може да играм фудбал, а секако пресреќен што сум повторно дел од македонската репрезентација. Се чувствувам одлично, веќе одиграв натпревар за тимот до 23 години на Барнли, а сега наскоро очекувам да се вратам и во првиот тим на Барнли, па затоа сум максимално подготвен и за настап во репрезентацијата. Ако добијам минутажа во ред, ако не, секако повторно сум тука за репрезентацијата затоа што секој од нас кој е тука, дали играл или не, е важен дел од неа“ – вели Чурлинов и дополнува:
„Овде сме сите еден за друг. Знаеме со каков квалитет располага оваа селекција и без разлика на противникот тоа треба да го покажеме на терен. Сигурен сум дека така ќе биде и со Украина затоа што овие момци покажаа против Италија колку вредат“.
Македонија против Украина во шестиот натпревар од квалификациите игра на 14. октомври од 15 часот во Прага.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА