Дарко Додев на „радарот“ на новосадска Војводина

Еден од најдобрите фудбалери во македонскиот шампионат Дарко Додев е пред можност за трансфер во новосадска Војводина.

Крилниот офанзивец на Брегалница е на „радарот“ на Војводина по повеќе од квалитетната полусезона одиграна во прволигашкото друштво во дресот на „сините“. Како што дознаваме, раководството на Брегалница изминативе денови во Анталија веќе имаше разговори со челниците на Војводина кои го следеа Додев на првиот пријателски натпревар со Кубан Краснодар.

Според најавите, од Војводина ќе го следат настапот на 24-годишниот Додев и на денешниот тест-дуел на Брегалница со азербејџанскиот прволигаш Зира, по што се очекува финализирање на преговорите за трансфер.

„Има одредени разговори, но оставаме простор како ќе се одвиваат нештата и дали ќе има дефинитивен договор“ – вели за ЕКИПА спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.

Дарко Додев изминатава есен запиша 17 настапи во дресот на Брегалница со два погодоци и три асистенции. Претходно во својата кариера беше дел и од Силекс, Тиквеш и скопски Металург.

Се вчитува...