Во најновиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“ македонската фудбалска легенда Дарко Панчев покрена идеја, тема за поддршка на професионалните спортисти во Македонија кои би можеле да добијат бенифициран стаж од државата.
„Јас сакам заеднички, спортските лица, заедно со Фудбалската федерација на Македонија и останатите федерации да покренеме едно прашање кое е навистина многу важно и јас се чудам и досега зошто не е решено тоа прашање. Фудбалерите имаат навистина тежок фудбалски живот. Драго ми е што Масар бил фудбалер, па знае. Играчите тренираат на плус 40 степени и и на минус 20 степени. Се повредуваат, кршат нозе. Сешто се случува. А, има страшно талентирани деца кои го запоставуваат и студирањето поради љубовта кон фудбалот, мислејќи дека ќе успеат во фудбалот. Но, не секогаш, и не за секого е така. Имаме многу примери за кои не е така“ – истакна Панчев, притоа дополнувајќи:
„Ете еден пример. Донесен е закон во нашето Собрание, за ансамблот „Танец“, каде вработените имаат бенифициран работен стаж. Ансамблот е исто така вистински наш репрезент во светот. Секоја чест за тоа. И тие имаат тешки подготовки, проби…. Меѓутоа, зошто едно такво прашање да не се покрене и за фудбалерите, и спортистите? Затоа што фудбалот е пред се краткотрајна работа, трае десет до петнаесет години… И треба играчите да имаат бенифициран стаж. Многу од нив не успеваат доволно. Многу од нив не заработуваат милиони. Епа, треба да мислиме на тие луѓе, да имаат бенифициран стаж, за утре да може да си добијат пензија, заслужена од државата. Тоа е едно прашање кое што мислам многу лесно ќе помине во Собрание, јас мислам дека се сите свесни и пратениците, дека на тој начин може да им се помогне на професионалните спортисти“.
Оваа идеја со поддршка наиде и од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ кој нагласи дека Федерацијата е подготвена да иницира разговори на оваа тема со надлежните институции.
„Ова Дарко што го кажа апсолутно е вистина, од причина што многу професионални фудбалери живеат тешко, по завршувањето на кариерата. Не успеваат да заработат доволно. Мал број на фудбалери создаваат финансиски средства со кои што може понатака да имаат нормален живот. А поголем дел, за жал, минуваат низ потешкотии. Многу играчи од нашите генерации тешко живеат. Тие луѓе носеле радост и во средините во коишто играле. Ние, нормално, како федерација апсолутно немаме проблем оваа тема да ја отвориме пред надлежните институции. Да се отвори дискусија. И, јас како претседател на ФФМ, ќе иницирам разговор со господинот Борко Ристовски, па преку Министерството за спорт, да се разгледаат сите можности евентуални за решавање на овој проблем“ – истакна Омерагиќ.
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ СО ДАРКО ПАНЧЕВ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

