Најголемиот успех на македонскиот фудбал во периодот на поранешна Југославија, без сомнение е запишан со европската шампионска круна на Дарко Панчев и Илија Најдоски! Освојувачите на европската и светската клупска круна со белградска Црвена Звезда се дефинитивно фудбалерите кои во 20. век му дадоа златен сјај на македонскиот фудбал.
На денешен ден во 1991 година, Црвена звезда го оствари најголемиот успех и на југословенскиот фудбал, воопшто, со освојувањето на европската шампионска титула. Во тогашниот Куп на шампионите (сегашна ЛШ) во финалето во Бари , црвено-белите по пенал серијата беа подобри од француски Олимпик Марсеј со 5-3 и го освоија европскиот врв. Во стартната постава на Црвена Звезда, во генерацијата на Стојановиќ, Радиновиќ, Маровиќ, Југовиќ, Шабанаџовиќ, Белодедиќ, Просинечки, Савичевиќ, Михајловиќ, Биниќ…, а предводени од тренерот Љупко Петровиќ, секако беа и Панчев и Најдоски. А, клучниот пенал за европска титула го реализираше, кој друг ако не, најголемото име на македонскиот фудбал Дарко Панчев, таа година освојувач и на „Златната копачка“ на Европа!
„Бев некако сигурен дека ќе го шутирам пеналот на истиот начин како и секогаш дотогаш, сочекувајќи ја прво реакцијата на голманот. Така и беше. Одигравме феноменална сезона во КЕШ, доминиравме, имавме неверојатна генерација која никој не можеше да ја запре. Европскиот трофеј таа сезона едноставно како да ни припаѓаше од самиот старт на натпреварувањето“ – се потсетува водечката фигура на Црвена Звезда тие сезони и најдобар фудбалер во Европа, Дарко Панчев.
Претходно, во првите две рунди од КЕШ, црвено-белите убедливо ги елиминираа швајцарски Грасхоперс и шкотскиот Ренџерс. Во четвртфиналето против шампионот на Источна Германија, Динамо Дрезден, беа добиени двата натпревари. Во првиот натпревар од полуфиналето, црвено-белите го совладаа и славниот Баерн Минхен со 2-1 на гостински терен, а во реваншот во Белград беше 2-2. Па, следеше големото финале во Бари, во кое ненадминливиот Илија Најдоски и крвареше на теренот во првото полувреме.
„Го сочував тој крвав дрес од првото полувреме. Уште не е испран, се уште има траги од крв. Сите други дресови заминаа некаде, но тој нема шанси да мрдне од мојот дом…“ – вели Најдоски потсетувајќи се на 1991 година и дополнува:
„Го чував Папен, кој со Панчев, тогаш беше најдобриот напаѓач во Европа. Немав некои посебни подготовки… После мечот ми честиташе, и јас нему. Беше навистина машка игра, но има разлика меѓу машка и расипана игра. Во тоа време немаше расипана игра. Јас во живот не сум удрил играч намерно. Никогаш!“
По освоената европска круна, Панчев и Најдоски истата година, но шест месеци подоцна, на 8 декември во Токио ја освоија и светската клупска титула.
Шампионот на Европа го победи чилеански Коло Коло – шампионот на Јужна Америка и освојувач на Купот Либертадорес, во борбата за тогашниот трофеј на Интерконтиненталниот куп. Црвена Звезда славеше со 3-0, а пред 60.000 гледачи во главниот град на Јапонија, во црвено-белиот дерси повторно стартери Македонците Панчев и Најдоски. Владимир Југовиќ ги постигна првите два гола за белграѓани, а точка на натпреварот стави, повторно кој друг ако не Дарко Панчев со голот во 72 минута.
Илија Најдоски вели дека хармонијата во тимот меѓу сите играчи кои ги имало буквално од сите вери и националности била клучна за успесите.
„Сите живеевме како едно. Можеш да имаш одлична екипа, ама да имаше само еден кој ја растура атмосферата тогаш нема успеси. Меѓу нас немаше никаква љубомора, а имаше толку многу мајстори на фудбалската игра. Дарко, Дејо, Миха, Дејо, Роби, Бина, Југо… Некогаш имаше и караници на терен, но тоа секогаш си го решававме меѓу себе. Умееше Биниќ да го фати Просинечки и за гуша, но беа најдобри другари. Потоа би отишле во дискотека заедно. Сите беа добри луѓе, пред се. Затоа и дојдоа тие два најголеми трофеи кои може да ги освои еден фудбалер“ – се потсетува Најдоски.
Дарко – еден од Топ 50 играчи на Европа во историјата и освојувач на „Сребрената топка“ во 1991!

Дарко Панчев таа година, со 34 постигнати голови во сезоната 1990/91, го доби и престижното признание на „Франс фудбал“ како најдобар стрелец на Европа, запишувајќи се во друштво и на легендарните Еузебио, Герд Милер, Марко Ван Бастен…. Со тие 34 гола го мина и Слободан Сантрач на листата на рекордите, дотогаш најдобар стрелец на сите времиња во Југославија, собори уште многу југословенски рекорди, а во јубилејното издание, по повод „50 години УЕФА“ од страна на Европската куќа на фудбалот беше избран како „Златен играч“ – еден од 50 најдобри фудбалери на Европа во историјата!
На Панчев неправено му е скратена „Златна топка“ на ФИФА!
За големината на Дарко Панчев доволно зборува и фактот дека е единствениот Македонец во историјата кој се нашол во Топ 3 изборот на фудбалери за најпрестижното светско фудбалско признание – „Златната топка“. Во изборот за „Златна топка“ на ФИФА во 1991 година, Дарко Панчев освои 42 гласа и се најде на второто место зад Жан Пјер Папен добивајќи ја „Сребрената топка“. Тоа, иако е секако само по себе огромно признание ако се знае дека е единствен Македонец кој се изборил за место меѓу најдобрите тројца играчи во светот, сепак тогаш предизвика многу контроверзии затоа што поголемиот дел од фудбалскиот свет сметаше дека Папен незаслужено го добил признанието пред Дарко Панчев кој само затоа што доаѓа од земја од Балканот неправедно извонредната своја година не ја заокружи со „Златна топка“ која ја заслужи! Дури и најпрестижните француски медиуми, таа година со став дека Папен незаслужено ја добил „Златната топка“ пред Дарко Панчев!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

