ДАРКО ПАНЧЕВ: Имаме одлична група за уште еднаш да ја изненадиме Европа

Најголемото македонско фудбалско име во историјата. Фудбалерот кој се уште држи голем број македонски спортски рекорди, освојувачот на европскиот шампионски трофеј со Црвена Звезда и петтото место од Мундијалот 1990 во Италија. Личноста која се уште е препознатлив симбол за Македонија во фудбалска Европа – Дарко Панчев. Не успеа на почетоците на независна Македонија да се избори за учество на ЕП со генерацијата во која беа и Јаневски, Канатларовски, Станојковиќ, Савевски, браќата Ѓуровски, Митко Стојковски, Зоран Бошковски…, но не го крие задоволството што Македонија конечно ќе биде дел од најдобрите на Стариот континент.

Колку верувавме и можевме да очекуваме дека токму оваа генерација македонски фудбалери ќе не однесе на европскиот собир?

„Нескриено задоволство е на секој во Македонија што ќе бидеме дел од најдобрите во Европа. Да бидеме искрени некако сите во таа Лига Д од Лигата на нации го очекувавме пласманот на Европско првенство. Ќе беше апсолутно неуспех ако не се пласиравме на ЕП од таа Лига Д, затоа што по квалитет објективно отскокнуваме од рангот на Лихтенштајн, Гибралтар, Ерменија, Косово, па и Грузија. Е, сега мислам дека согласно тој квалитет, не треба само да се задоволуваме само со пласманот но во можност сме да направиме и нешто повеќе меѓу најдобрите на Стариот континент. Веќе добро е познато дека сите останатите репрезентации од Европа максимално се фокусираат вистинскиот впечаток да го остават токму на шампионатот, каде е шанската за промоција“ – вели македонката фудбалска икона во своите анализи пред стартот на ЕВРО 2020.

А, групата во која е Македонија, заедно со Холандија, Австрија и Украина отвора и тоа како можност за надигрување и пласман во втората рунда натпревари…

„На Европското првенство, со исклучок на Холандија, ние и не сме во некоја силна и атрактивна група. Па, мислам дека може да направиме едно навистина убаво изненадување кое повторно ќе ја израдува Македонија, повеќе од самиот пласман на ЕП. И покрај тоа што Австрија не надигра во квалификациите, сепак настапот на Европско првенство е нешто сосема друго, а сега мислам дека имаме и поголема самодоверба во играта. Мора да бидеме пред се на психолошки план подготвени и верувам дека е момент и да оставиме дополнително квалитетен впечаток пред европската фудбалска јавност. Ова е шанса за сите репрезентативци да го демонстрираат својот квалитет, па да добијат и на својата цена и репутација во Европа, но и дополнително да допринесат за промоцијата на македонскиот фудбал. Значи, во секој случај не можеме ништо да загубиме, а може многу да добиеме“ – нагласува Панчев.

Каде лежи најголемиот квалитет на националниот тим?

„Да бидеме реални, оваа генерација е главно токму и онаа од Европското првенство 2017 кога учествувавме со младата репрезентација. И јас секогаш нагласувам клучниот момент кај оваа генерација, зошто се и овие успеси, е затоа што како никогаш досега во последните 20 години имаме четири извонредни играчи во средниот ред, кои знаат фудбал но и имаат сериозна километража на натпреварите. Тука пред се е Адеми кој е еден извонреден лидер и во Динамо Загреб, Барди кој е еден од најдобрите фудбалери на тимот од силната шпанска лига, Алиоски кој игра во најсилната лига на светот и Елиф Елмас, кој е еден од најголемите таленти појавени на нашите простори. Според мене, тие играчи се клучни. И гледајќи ја и нивната форма мислам дека треба да направиме и позитивен резултат на шампионатот“.

Дарко заедно со Вујадин Станојковиќ беше и учесник на Светското првентво 1990 во Италија, тогаш во дресот на поранешна Југославија. Што вистински значи настапот на еден ваков собир, и сега за актуелните репрезентативци на ЕВРО 2020?

„Без сомнение како значење за кариерата на фудбалерите, учеството на ЕП, и тоа како е огромно учество. Ова е навистина огромна шанса за промоција и на самите себе и на националниот дрес и на државата пред Европа. Се работи за големо искуство кое за фудбалерите дополнително ќе влијае, верувам, и за уште подобри кариери во иднина. Учеството на еден ваков собир е нешто кое не може да се опише со зборови. За мене и Станојковиќ тоа беше настапот на Мундијалот 1990 во Италија. Им препорачувам на фудбалерите да уживаат во секоја минута за време на ЕП, а затоа што и тоа еден вид начин за демонстрација на квалитетот и успех на крај“ – вели Дарко Панчев.

 

Се вчитува...