Македонската репрезентација вечерва од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје на мегдан против најголемиот фаворит во групата Белгија, во битката за пласман на Светското првенство 2026.
Најголемото фудбалско име во македонската историја Дарко Панчев посакува националниот тим вечерва да добие поддршка како никогаш досега, во обидот да дојде до позитивен резултат кој ќе не остави во трка за водечките две позиции во квалификациската група.
„Сега е момент сите заедно да дадеме максимална поддршка на нашата репрезентација затоа што на гости ни доаѓа моќната Белгија. Се надевам и верувам во силна поддршка од трибините на нашиот најголем стадион која ќе го понесе националниот тим. Верувам дека ќе биде одличен натпревар за уживање на сите македонски навивачи, со искрена желба сите да бидеме на крај задоволни од изданието на момците на Благоја Милевски. Секако, би било одлично ако сето тоа се заокружи со позитивен резултат, а позитивен резултат за мене е се освен пораз. Без сомнение, и реми со една од најдобрите европски селекции силно би одекнало во фудбалскиот свет. За нас и бод од овој меч би значел многу, а победа, пак, би не втурнала и како веќе еден од најсериозните кандидати за освојување и на врвот во групата“ – вели Панчев.
Што, се однесува до противникот кој не очекува…
„Ако ја погледнеме репрезентацијата на Белгија, јасно е дека располага и со индивидуален и со тимски квалитет, со исклучително врвни фудбалери на секоја позиција. Но, секако посебно внимание треба да посветиме на двајцата напаѓачи, Лукаку и Доку. Според мене Доку е најопасниот фудбалер во таборот на Белгијците, неверојатен дриблер, навистина многу пробивен играч на кој треба значително внимание да се посвети. Ако го запреме него, ќе биде завршен поголемиот дел од задачата“ – истакнува македонскиот фудбалер на векот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

