Најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев во поопширно интервју за тв-каналот на Фудбалската федерација на Македонија како и секогаш препознатливо за него отворено и искрено за сите случувања во македонскиот фудбал, од неговите играчки денови па се до денешните актуелности.
Токму на 30-годишнината од првиот натпревар на македонската репрезентација во Крањ во 1993 година, Македонија во сабота во Прага против Украина ја очекува клучниот натпревар во квалификациите за ЕП 2024… Токму затоа и актуелниот репрезентативен состав под водство на Благоја Милевски е можеби главната тема во разговорот со Панчев кој не ја крие својата поддршка за националниот тим.
„Треба силно да го поддржиме овој тим, и да им посакаме навистина среќа во Прага да дојдат до успех. Украина е една навистина силна екипа, но тоа што 60 минути го одигравме во Скопје јасно дава до знаење дека и сега во Прага можеме да извлечеме позитивен резултат“ – вели македонската „Кобра“, кој очекува нашиот квалитет повторно да биде во средниот ред кој ја донесе и разликата во играта на репрезентацијата овие години.
„Квалитетот на нашата селекција го донесоа четири играчи, Адеми, Алиоски, Елмас и Барди… Со нив, за разлика пред нивното вклучување во репрезентацијата, 50% ни се подобри играта, затоа што доста трчаат знаат да држат топка, знаат да контролираат игра и секако се одлични индивидуалци и креативци… Тие се клучни играчи. Нас како репрезентација секогаш ни недостасуваше една компактна линија за врска, а сите знаат дека средниот ред е душата на тимот. И кога дојдоа тие ја направија разликата. Токму тие беа темелот и за пласман на Европското првенство во 2020“.
Дуелот со Украина сега доаѓа по оној квалитетен септемвриски собир кога ремизиравме со Италија и ја победивме Малта.
„Да одиграш еден таков меч со Италија после дебакл каков што беше тој во Манчестер е навистина покажување карактер и силен тимски дух. И за тоа и играчите и стручниот штаб заслужуваат искрени честитки. Но, мора да се каже дека пред тој септемврски собир се случија некои работи кои навистина не ми се допаѓаат, како откажувањето на некои играчи кои се дрзнаа да кажуваат дали некој селектор им се допаѓа или не. Јас сум бил играч и репрезентативец и никогаш не ми паднало на памет јас да кажувам и во клуб и во селекција на раководството кого да постават селектор. Како играч треба да ти е чест да бидеш повикан во репрезентацијата, таа репрезентација ти помогнала и ти овозможила да продолжуваш договори и во клубовите каде играш. Тоа треба да се почитува и цени. Замислете секој месец по некој играч да си кажува дали му се допаѓа или не некој селектор, па ние да ги менуваме по нивна желба. Тоа едноставно така не може и не смее да функционира. Секој си има своја задача во еден национален тим. Ти како играч си должен да дојдеш и да дадеш максимум за репрезентативниот дрес“ – вели Панчев и дополнува:
„Мислам дека тој дебакл во Манчестер беше резултат токму на некоја нарушена атмосфера во репрезентацијата која ја предизвикуваа поединци. Кога потоа се расчистија некои работи дојдоа два одлични натпревари во септември против Италија и против Малта. Ете погледнете, во јуни ние на два натпревари примивме десет гола, во моменти кога имаше очигледно некои нарушувања на атмосферата. Како во септември ги немаше тие постојани пореметувања во соблекувалната, повеќе немаше проблем и тоа се виде на терен. Така да, има тука многу за анализа, и не е се така случајно“.
Што се однесува до селекторот Боби Милевски?
„Јас еве уште еднаш може да кажам дека имам навистина позитивно мислење за Боби Милевски. Тој е првиот македонски селектор кој има храброст да игра фудбал против секоја селекција, наспроти секогаш дефанзивната ориентација на сите претходни селектори. Е, сега некогаш тоа му носи резултат, некогаш не…, но таков е фудбалот. Сепак, важно е дека има храброст да настапува агресивно во напад, со три офанзивни играчи, постојано да се проба да се комбинира на терен… Тој стил на игра мора и натаму да го негуваме“ – вели Дарко Панчев.
КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ НА ДАРКО ПАНЧЕВ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА