Македонската фудбалска легенда, иконата на Вардар, Дарко Панчев преку ново писмо до македонската јавност кое е продолжение на претходното обраќање продолжува, како што вели, со одговорот на постојаните прозивки од страна на новите раководители на клубот.
Панчев, откривајќи нови теми поврзани со најтрофејниот македонски клуб повикува на целосно разоткривање на сите случувања во клубот за што е неопходно вклучување на сите државни институции.
Според македонскиот фудбалер на векот нејасно е за што и како се потрошени околу 800 милиони денари од сите „управители-спасувачи“ на клубот изминативе осум години, а на крајот виновни за „пропаста“ на клубот да бидат неколку поединци на кои им се должат суми многу пати помали од оние средства за кои не се знае каде заминале.
ВТОРОТО ОБРАЌАЊЕ ОД ДАРКО ПАНЧЕВ, КОЕ Е ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ПРЕТХОДНОТО ПИСМО, ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Четврт-век вардарови „лудории“ (2)
Најпрво да им заблагодарам на сите што изминатата недела ми се јавуваа и даваа поддршка, информации, податоци и одредени материјали. Го ценам тоа, ми значи. И советите и предупредувањата исто така. Дел од нив ќе ги има во текстов (моите ‘шкрабаници’), ќе ги препознаете. Многу ми помогнаа да ја потполнам сликата за она што поминало крај мене, а не сум го забележал. Меѓутоа оној дел со податоци и документи, со сериозни и деликатни содржини нема да бидат користени. Тие ве молам да ги доставувате таму каде што им е место: Обвинителство, Обвинителство за организиран криминал, МВР, УЈП, ревизорите, Антикорупциска комисија, и така натаму. Со тоа не сакам да се занимавам, за тоа има надлежни институции. Да појаснам. Јас ова го правам сам во свое лично име, без никаква организирана група зад мене. Тоа се моите лични согледувања и однос кон актуелните појави во Вардар, и по други прашања на кои што морам да одговорам заради невистините и сериозни обвинувања на моја адреса целиот изминат период. Немам намера да се борам против никого. Мојот обид е борба ЗА Вардар за да се спречи она лошо што му се подготвува и секако одговор на организираните неосновани напади врз мене откако сум вратен дома во Скопје 1997 година.
На сите вам а и на оние кои ќе го прочитаат текстот им го препорачувам текстот објавен во ЕКИПА.МК во 2021 година од почитуваниот наш новинар Атанас Костовски со наслов ВИСТИНАТА ЗА ВАРДАР – ТРИ СУДСКИ РОЧИШТА ВО ЕДЕН ДЕН, многу работи ќе ви станат појасни. Четивото е многу поучно и со факти документирано, за тоа КОЈ И КАКО во изминатите години управувал со клубот. Многуте шпекулации кои кружеа низ јавноста добиваат на тежина и објаснуваат како клубот се нашол во ваква ситуација и јасно претскажуваат што сега по кој знае кој пат ќе се случува со него. Ќе го видите целото клише, триковите и тактиката на уништувачите на Вардар. За жал да не ми укажеа и јас многу делови ќе промашев.
Да се вратам на најважното, заканите и информациите кои беа итромански објавени а кои се особено алармантни, штетни и опасни за натамошната судбина на клубот. Секако и одлуката која онака нормално шарлатанска и насилничка пред се заканувачка токму така како што личи на нив. Манифестираната ароганција, поткрепена редовно со инсинуации за нивна партиска поддршка на која неретко се повикуваат е целосно апсурдна. Тоа е дел од амбиентот кој редовно го креираат кога се подготвуваат да направат некоја нова и голема ујдурма на клубот и на негова штета, со дигање врева, прашина и употреба на енормно количество на лаги и дезиформации, се со цел да ја задскријат вистинската намера.
Не сум смеел на Северна, така решиле измеќарите, па дури и со купена карта. Што таа страна на светот толку многу ги мачи нивните комплекси и фустрации веројатно само тие знаат. Некои велат дека тоа е секојдневен ритуал, на трипати гласно да ја извикаат на право место за и себе да се убедат, а пред се пред оние пред кои мораат да глумат патриоти. Таму ми бил забранет влезот, резервирано е за нив. Дека никогаш не биле некои вардарци, освен од интерес, и не мораат да докажуваат. Ми дале и помилување, ќе дозволеле со купена карта да одам на Јужна. Ама до толку да не знаат дека историски гледано всушност ме привелегирале со тоа што ме депортираа на Јужна. Тоа е наверејатно. Традиционално таа и Запад отсегогаш биле највардаровите трибини. Не појаснија каде да купам карта. Да чекам во редица кај старата билетара? Која што патем со години е затарабена и не работи, или пак бидејќи е блокирана сметката да им ги дадам парите нив во кеш? До таму ли стигнаа. Несакајќи самите со прстот посочија една тема која последниве години нашироко се шушка низ градот. Дадена е маркица за изградба на хотел со што веднаш ќе биде уништено СВЕТОТО помошно игралиште на ФК Вардар. Тоа ли била идејата? Ако е сето тоа вистина, во групата на уништувачите и силувачите на клубот автоматски се приклучува сакајќи или не и политиката, поточно градоначалниците на Центар и Скопје како и советниците кои ја донеле таквата одлука. Одговор на тоа прашање брзо треба да дадат самите тие или да демантираат и веднаш да превземат нешто конкретно. Но, за прашањето за помошното подолу во текстот.
Што беше уште кажано онака демек наивно, и на брзина шверцерски за ПАРИТЕ кои за нив секогаш се најважни. Сиромашниот клуб со блокирана сметка за само три месеци успеал да потроши над 30.000.000 денари и ако се додаде на тоа сумата од 427.000.000 денари на име на долг без притоа да појаснат заради што, од што и кон кого. Би било принципиелно и сликовито како што претходно се наведени износите поименично тоа истото да го направат поименично и за оправдување. Што и кој се крие зад тоа или пак тие самите се доверители а тие пари ќе бидат распределени по нивните џебови. Се шушка или самите си го пуштаат муабетот дека од Кредитот ќе имало нешто!
Ако кон ова се додадат и парите кои што Вардар ги заработи од УЕФА за кои никогаш немаше официјална информација, а се оперираше со сума од 5.600.000 до 6.000.000 евра или 360.000.000 денари, ќе се стигне до една бројка од 800.000.000 денари. Ваууууу, дури и министерот за финасии на државата би требало да биде заинтригиран а целата сума е само за изминатоте 5,6 години. А што е со е со претходните 15 години, пак?!?
Конечно, сумата од 4.000.000 денари која му се должи на Дарко, во однос на 800.000.000 денари потрошени, го дава целиот одговор!!! Колку Дарко Панчев е “уништувачот“, а колку управителите се спасувачи!? Треба ли уште некој коментар по тоа прашање!?
Ако се земе сето ова во предвид и посебно подлизнувањето со страшната вистина дека „Вардар и да биде првак нема да има право да игра во европските купови“ станува уште појасно дека старата шема е пред уште една безочна употреба, се разбира на штета на клубот. Ново брзо Собрание, развластување на последниот бедем – „Комитите“, можеби нов Вардар, ново име и нова сметка, се веќе видено за да се избрише сето претходно. Како што еден наш политичар кажа – „како и досега“. Затоа тука СТОП.
Не ми е јасно како ли мислат да ја прелажат УЕФА. За нас е лесно. Никој нема да се побуни, објави, напише или осуди. Тогаш зошто трошеа големи пари на наводни “засилувња”? Ја вклучија пералната? Бидејќи резултатите и пласманот им се неважни можеа да направат многу поевтина инвестиција. Да го исфорсираат и проверат младинскиот ростер. Децата ќе стекнеа скапоцено искуство а клубот ќе можеше да утврди на кој навистина талентирани деца ќе може да смета во иднина.
Може нов спонзор или сопственик – ама без нив во клубот. Нов сопственик, нов состав на Собрание, програми од купувачот со обезбедени банкарски гаранции, не како досега. И ако еден ден дојде тој да замине – со нула обврски, а не како во случајот со Самсоненко. Треба веднаш да размислат, клубот да се врати на градот кој што е голем виновник за ситуацијата во која денес се наоѓа. Со кој ум, со каква намера градоначалникот, не знам точно кој и градските советници дозволиле да прифатат клубот да биде вратен со долгови, а не на нула како што бил предаден. Што толку им тежело помошното на кое дури ни тревата не мораа да ја шишаат – вештачка е, па да мора да го продадат токму на човекот што го остави клубот во долгови и за која цена. Тоа се прашања на кои мора веднаш да се одговори. Сегашната градска управа мора да го направи тој потег. Вардар не смее да падне уште еднаш. Тоа не смее да се дозволи!
Пред оклолу три месеци искрено се израдував од формирањето на едно ново Министерство и тоа Министерството за Спорт. Конечно по седумдесет години државата му оддаде признание на спортот во Македонија. Беше тоа убава вест за сите нас. Во исто време на една од редовните средби со моите колеги, некогашни соиграчи повторно начнав една тема која ме мачи со години. Имено, станува збор за прашањата околу губењето и можноста на имотот и правата на клубот во периодот на 90-тите години па наваму. За што зтанува збор?
Вардар пред 50-ина години имал свој стадион во Градскиот парк, како впрочем и сите останати фудбалски клубови во Македонија. Имал и подтрибински простор, соблекувални и други простории но и канцеларии на самиот Кеј на реката Вардар, стан во Градски Ѕид и се разбира култното, митско помошно игралиште на кое фудбалски прооделе илјадници млади. Ги сонувале своите соништа да го облечат еден ден црвено-црниот првотимски дрес и да го прикажат својот талент на бројната вардарова публика. Прашањето што се поставува не толку во овој момент и за овој текст како кој и кога успеал „да го ослободи” Вардар од овој имот и правата врз него, тоа ќе биде предмет на конкретна анализа дури и поименична малку подоцна…, нели каменот секогаш доаѓа одблизу. Важната работа за мене е како Вардар да поврати барем дел од она што некогаш било негово. Според законите на Државата во континуитет, граѓаните, претпријатијата, спортските организации и клубови имале право она што го користеле со години несметено од никого и ништо да можат да го откупат и приватизираат под одредени поволни услови дури и на кредит. Согласно таквите правила сите спортски клубови во Република Македонија ги оствариле правата врз стадионите, салите, административните простори само Вардар останал без она што отсекогаш му припаѓало. На неколку пати претходно зборував на таа тема, последен пат и тоа во време на пандемијата, хрватските медиуми испровоцирани од едно интервју на Христо Стоичков веднаш побараа интервју со мене. Меѓу многуте прашања секако беше изразен и интересот за денешните случувања со Вардар. Им ја раскажав целата гола вистина дека Вардар за разлика од нивниот Динамо кој го задржа неговиот „Максимир“, Хајдук – „Пољуд“, Ријека – „Кантрида“, како и останатите клубови, Вардар е останат без основни услови да функционира. Не им се веруваше особено ако се знае дека и сите останати клубови од бившите југословенски простори ги задржаа своите имоти, како Ц. Звезда, Партизан, Сарајево, Железничар, Вележ, Олимпија и др. Кај нас Шкупи, Победа, Пелистер, Беласица, Брегалница и да не набројувам понатаму исто така ги добија своите стадиони. Зошто само Вардар не, е многу иритирачко прашање. Цело време сум убеден дека таа неправда кон клубот треба да биде исправена. Било како било со добра волја на државата се е можно да се исправи па макар и со специјални закони, солидарност од фудбалските клубови и разбирање на партиите и парламентарните претставници. Од тие причини а и од некои сигнали дека и новата власт која тогаш беше во опозиција ќе гледа благонаклоно на клубот полн со оптмизам и ентузијазам му пратив писмена порака на министерот Борко Ристески. Искрено му честитав и му посакав успех и побарав со него средба. Му напоменав дека средбата е потребна за една можеби благородна работа ,дека немам никакви барања за себе, моето семејство, пријатели итн, љубезно го поканив да го почестам ручек или вечера за да не ги трошиме парите на даночниците во било кое време и место. Сметав дека со негова помош, влијание и авторитет и изградените иснтитуции Вардар ќе може да успее да поврати дел од правата и имотот. До ден денес немам повратен одговор. Некои од луѓето што ги познавам ми велеа да почекам бидејќи требало да се консултира со централата, бидејќи така бил редот… За што консултација? За средба со друг спортист? Дали сум и кај нив на црната листа?
Како и да е, јас од оваа идеја нема да се откажам. Се надевам дека некој ќе има слух и ќе помогне неправдата кон Вардар да биде исправена.
Продолжува…
Со почит,
Дарко Панчев
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА