Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026
Веројатно многумина ќе речат дека Македонија, наредниве денови против Белгија и против Казахстан ја очекуваат најважните натпревари во својата фудбалска историја, ако се знае дека како никогаш досега во самата завршница на едни квалификации сме лидери на табелата и со сериозни шанси и за првото место во групата и, би рекол, сензациски пласман на едно Светско првенство! Но, да бидеме искрени, за да се дојде до тоа овие два натпревари да го добијат предзнакот – НАЈВАЖНИ, претходно оваа македонска репрезентација требаше да мине долг одличен пат предводена од Благоја Милевски. Овие два натпревари не би биле најважни, ако момците претходните пет натпревари не ги одиграа така како што ги одиграа доаѓајќи до 11 бода и прво место во групата. За што, секако, однапред заслужуваат честитки…, затоа што само тие се заслужни што дојдовме до епитетот – најважни!
А, сега… секако, нема ништо ново да кажеме, со фактот дека Белгија е апсолутен фаворит за освојување на групата, па е фаворит и на утрешната пресметка со нас. Но, исто така, не е ништо ново ако се каже дека и ние, пак, секогаш сме знаеле и знаеме да одиграме добро токму против најсилните противници во нашите квалификациски групи. Па, зошто да не им оставиме простор на овие момци, кои и тоа како изминативе години знаеја да на радуваат, па со силна верба и сега да одиграат одличен натпревар и зошто да не стигнат до изненадување среде Белгија! Што, за нас, би било нешто извонредно.
Но, и да не се случи тоа, убаво е уште сега да се каже дека, нема да биде ништо страшно. Најважно е, како секогаш, да се даде максимумот за боите на државата, за себе, за репрезентативниот дрес и за сите искрени поддржувачи кои изминативе години даваа и даваат поддршка за македонската селекција.
Далеку поважен и потежок, според мене, ќе биде следниот натпревар со Казахстан на домашен терен, на кој ќе се атакува на победата. Тоа ќе биде навистина тежок натпревар против една навистина солидна репрезентација која знае да игра цврст, борбен, фудбал против секој противник. Јасно е дека ние сме поквалитетни од нив, но во модерниот фудбал повеќе не постојат „мали“ репрезентации. Казахстан е значаен за нас, затоа што со тие три бода, објективно имаме голема шанса за најмалку втората позиција во групата која не води во баражот за Светското првенство 2026. И, тоа би било навистина голем успех затоа што по вторпат едноподруго би завршиле во најдобрите две селекции во групата, што досега никогаш во нашата независна историја не се случило. Оваа генерација, на тој начин, уште еднаш ќе го демонстрира својот квалитативен континуитет. Затоа токму на дуелот со Казахстан во Скопје ќе биде неопходно што поголем број навивачи на трибините за силна поддршка на репрезентативците. И тоа како ќе биде важно да се триумфира на тој дуел за со предност, пред Велс, да го очекуваме ноемврискиот гостински натпревар.

МИЛЕВСКИ СЕКОГАШ ПРИЈАТНО ИЗНЕНАДУВА СО „НЕКОИ НОВИ КЛИНЦИ“
Што се однесува до составот кој ќе настапи против Белгијците ќе биде, главно стандардниот, кој го понесе товарот на сите досегашни успеси овие две години. Дури и да недостасува некој фудбалер, селекторот Боби Милевски секогаш изненадува со доверба за „некои нови клинци“. И, мора да признаеме дека и тие новопромовирани репрезентативци навистина се одбрани како што треба, покажуваат сериозен квалитет со што се отвора навистина добар репрезентативен потенцијал за продолжување на овие успеси.
Па, кој и да истрча утре на терен, најважно е да се даде максимумот. Секој во репрезентативниот табор многу добро знае дека квалитет и тоа како поседуваме, желба и амбиција и тоа како носат со себе, па останува само уште еднаш со убаво издание да не израдуваат! Момци, цела Македонија секако е со вас!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

